Заглави фабриката за електрични возила во Тетово

На годишнина од Рамковниот договор, цела влада на чело со премиерот Димитар Ковачевски во индустриската зона во Тетово, удри темели на фабрика за електрични возила на германската компанија Некст Е Го. Иако беше најавувана како голема инвестиција засега остана на темелите.

Според планот, во рок од осум недели требаше да почнат градежните работи, но рокот досега е пробиен три пати.

На парцелата за „Е-Го“ во технолошко- индустриската развојна зона во Тетово нема други машини, пишува Алсат М.

На поставување на камен темелникот присутни беа и од претседателството на ДУИ. Државата е партнер во проектот и мора да обезбеди 33 отсто од вредноста на инвестицијата или околу 45 милиони евра. Но, од власта гарантираат дека постојат заштитни мерки за да се осигураат дека парите од буџетот наменети за инвестиции во германската фабрика, нема да пропаднат.

Иако трипати беа прекршени роковите за старт на изградбата, од Дирекцијата за ТИРЗ и натаму тврдат дека сè се одвива според планот и оти наскоро ќе почне изградбата на фабриката. Велат дека ангажирале надворешни ревизори за Да ја следат динамиката.


И покрај помпезноста на власта во однос на германската компанија „E-Go”, ниту Министерството за економија не посочува кога се очекува фабриката да биде изградена. Очекувањата беа дека за година и пол ќе биде пуштена во употреба.

„Бидејќи се работи за голем објект, беа споени 4 постоечки парцели на подрачјето на Тетово. Процедурите се завршени, одобрена е градежна дозвола каде што може да започнат градежните активности”, велат од Министерство за економија.

За фабриката уште тогаш се зборуваше дека се работи за измама.

Ова се тврдеше од многумина, помеѓу останатото и од специјализираните експерти, а специјализираниот портал Аутомедиа објави и анализа во која под наслов ” Тетовски автомобили со бугарски таблици на струја од јаглен” се вели дека под Шар Планина ќе се произведувале електрични автомобили што никој не ги сака и дека се работи за пропадната компанија, а целата идеја во Македонија е да се исцрпат државни пари за фабрика која нема да се изгради.