За душата е најважна молитвата, а храната е благородна ако се раздаде на оние на кои им недостига е порака која теолозите и свештените лица им ја пренесуваат на граѓаните во врска со денешниот празник Задушница, кој е воспоставен во знак на сеќавање на починатите, ден пред утрешниот Духовден или Педесетница – Слегување на Светиот Дух.
Многупати граѓани овие два празника ги поистоветуваат, но како што појаснуваат теолозите и свештените лица, Задушница е ден за спомен на починатите, секогаш се паѓа во сабота, ден што црквата го одредила за помен и молитва за упокоените, додека Духовден го означува слегувањето на Светиот Дух врз апостолите или како што го нарекуваат светите отци Роденденот на Црквата.
Иако јазично можеби наликуваат и во двата термина се наслушнува дух или душа, па многумина овој ден го поврзуваат со „духови“, односно има народни верувања дека духовите на починатите стануваат од гробовите и шетаат низ гробиштата.
Секако ова е дел од народните верувања и не е согласно учењата на цркавата, која пропишала посебни денови – задушници, четирипати годишно, кога верниците се молат за покој на душите на починатите. На Задушница се оди во црква каде што се служи литургија и парастос. На овој ден се посетуваат гробиштата каде што со молитва, пченица и лепче осветено со црвено вино се изразува помен за починатите. На Задушница верните им даваат милостина на сиромашните во име на покојните и се молат за покој на нивните души.
Педесетничката задушница, потврда дека Светиот Дух слегол за да го освети и за да му даде вечен живот на целиот свет, вклучително и на упокоените
Отец Даниел Јовановски, свештенослужител на Скопската епархија за МИА го појаснува значењето на оддавањето почит кон починатите, но и за тоа што Црквата пропишува за достојно одбележување на овој ден.
Јовановски вели дека задушниците не се само „во знак на сеќавање на починатите“, не се комеморации, туку се молитва за вечен спомен на упокоените во Бога.
– Имено, бидејќи за Бога нема мртви, туку сите за него сме живи, нашиот молитвен и љубовен однос со нашите мили не завршува во мигот на нивното упокојување. Напротив. Кога некој ќе се пресели од земната Црква во небесната, ние продолжуваме да му се молиме на Бога за него/неа. Токму затоа и постои Педесетничката задушница – за да потврдиме дека Светиот Дух слегол за да го освети и за да му даде вечен живот на целиот свет, вклучително и на оние кои се упокоени за светот, но се живи во Бога, појаснува отец Даниел.
Додава дека тоа ние го чиниме во секојдневните наши молитви, просејќи од Бога да им даде Царство небесно, го чиниме при помените од денот на нивното претставување во Царството небесно, а особено го правиме во таканаречените „задушници“, кога секој православен христијанин му принесува молитва на Бога, за да ја упокои душата на починатите „во место светло, место блажено, место мирно, кај што нема болка, жал и воздишка“.
Она што Црквата го прави на Педесетница, додава Јовановски, е служењето на Светата литургија, така и она што таа го прави и што верните треба да го прават и на Задушница е учеството на Литургијата. По неа, пак, во храмовите и/или крај гробовите на нашите, вели тој, треба да се помолиме за нив. Во тој контекст, токму тоа е она што Црквата го пропишува – пропишува молитва.
Кога, пак, станува збор за надворешната, обредна, страна на Парастосот, како што посочува, верните кај нас би требало да носат со себе блага варена пченица и вино, а во некои краишта, се носи и погача. Пченицата се носи, како симбол на воскресението, согласно Христовите зборови: „ако пченичното зрно, што паднало на земја, не умре – останува само; а ако умре – многу род носи“ (Јн 12, 24). Виното, пак, што се користи за полевање на житото, е симбол на Христовата пролиена крв за животот на светот.
– Познато е дека кај нас, под влијание од нехристијански традиции, честопати на гробовите се носи и многу храна, „за душата на упокоениот“, односно „за-душница“. Меѓутоа, како што Црквата постојано поучува, и како што нашата Црква редовно апелира: гробовите на нашите места не бива да ги претвораме во трпези. Носењето на храна е благородна и вистински црковна пројава само и само доколку се носи храна за да им се раздаде на оние на кои таа навистина им треба, вели Јовановски.
По Задушница Духовден или Педесетница – крај на празниците или нивно исполнување
Еден од најрадосните и најсветлите празници, крај на празниците или нивно исполнување, роденден и темел на Црквата – се најчестите атрибути кои се поврзуваат со празникот Педесетница или Духовден, со кој се одбележува слегувањето на Светиот дух врз апостолите на педесеттиот ден од Христовото Воскресение. Овој настан претставува исполнување на старозаветните месијански пророштва, а Црквата го вбројува меѓу 12 големи празници, со кој всушност се заокружува процесот на воспоставувањето на црковниот поредок.
Православните верници утре го одбележуваат празникот Педесетница. Според црковното учење, со слегувањето на Светиот дух врз апостолите се исполнил Домостројот на спасението на човечкиот род, завршило основањето на Црквата Христова или Царството Божјо на земјата. Од мигот на првата христијанска Педесетница, Црквата почнала да го живее својот живот во полнота, да расте и да се развива внатрешно и надворешно.
Меѓу народот овој празик е познат со повеќе имиња, како Дуовден, Доедни, Свети Дух, Света Тројца, Педесeтница… Се празнува десет дена по Спасовден (Вознесение Христово), а педесет дена по Велигден (Воскресение Христово). Се вика и Педесетница не само затоа што се празнува педесет дена по Велигден, туку и затоа што настанот се случил точно на еврејскиот празник Педесетница, што Евреите го празнувале во спомен на денот кога Господ му ги дал на Мојсие законите во Синајската Гора.
Педесетница е подвижен празник, неговото прославување секоја година се одредува во зависност од датумот на кој се одбележува Велигден, а најрадосен и насветол се смета бидејќи со него се заокружува воспоставувањето на Црквата, поткрепена со силата на Светиот дух, кој всушност ги поврзува сите оние верни на Бога, во една целина.
Отец Даниел појаснува дека Педесетница е крајот на празниците во смислата во која Благовештението е нивниот почеток.
– Имено, ако тоа е почеток на празниците, затоа што е почетокот на воплотувањето на Словото Божјо, тогаш Педесетница е нивниот крај, затоа што преку слегувањето на Светиот Дух ни се открива целта на Воплотувањето – дека Бог стана човек, за човекот да стане храм на Духот Свет. Но, јас поскоро Педесетница би ја нарекол не „крај на празниците“, ами нивно исполнување, полнота и потврда, затоа што во литургискиот ритам на Црквата, секој велик празник сведочи за одреден историски настан од Домостројот на спасението, и сите тие, како: Рождеството, Крштението, Преображението, Воскресението и Вознесението Господови – водат кон еден единствен врв – полнотата на објавувањето на Троединиот Бог, кон Светата Педесетница, појаснува тој.
Иако Духот делува и пред и по Педесетницата, на овој ден тој се покажува во својот ипостас, а сѐ со цел самата историја на спасението да се направи совршена. На овој ден започнува икономијата на Светиот дух. Тој е оној кој го собира Божјиот народ во телото Христово, односно Црквата.
Симбол на духовната пролет и Роденден на Црквата
Педесетницата претставува не само роденден и темел на Црквата, туку и нејзин пример, дека околу апостолите, во заедница, биле присутни и првите христијански ученици и верници. Светиот дух бил даруван на првата апостолска заедница (Дела 4,31) и преку него тие биле дарувани со сѐ она што било потребно за христијанскиот организам: проповедањето на Евангелието, Свети тајни, харизма и ѓаконство.
Според црковните учења, куќата во која тие пребивале еднодушни одеднаш е преисполнета со шум од небото, сличен на силен ветар, а разделени јазици, како огнени, се спуштаат врз секого од учениците. Од ова тие се исполнуваат со Дух Свети и почнуваат да го благовестат Евангелието на разни јазици, онака како што Светиот дух им давал да изговараат. За разлика од мистиката на некои други настани во црковните учења, настаните на Педесетница станале очигледни за сите, не само за достојните. За да ги видат, на ерусалимците не им бил неопходен духовниот вид, зборувањето на сите јазици на кои луѓето од Ерусалим зборувале било едно од чудата кои биле видливи за сите.
Во тој ден се крстиле и присоединиле кон Црквата Христова околу три илјади души. Оттогаш наваму Педесетница се смета за роденеден на црквата Божја. Постоењето на Црквата, воспоставување на апостолскиот континуитет и секое дејство на Црквата зависи од повикувањето на Светиот дух.
Како и на секој велик празник и во секоја недела, Црквата и овој ден го прославува преку служење на Божествена Литургија.
– Притоа, Педесетничното богослужбение се одликува со својата особена радосност, како и со коленоприклоните молитви од Вечерна на Педесетница, којашто ние, најчесто, ја служиме веднаш по самата Литургија. На неа се читаат и три долги, прекрасни молитви на свети Василиј Велики, а во кои коленоприклоно се молиме за слегување на Светиот дух врз сите верни. Уште една карактеристика на празникот е и украсувањето на црквите со свежи гранки, како симбол за духовната пролет која започнува со раѓањето на Црквата, вели отец Даниел.
МИА







