Молкот на Филипче кон навредливите изјави од Бугарија е срам и понижување за Македонија, велат во партиското соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.
Речиси две недели Филипче избегнува јасно да ја осуди изјавата на бугарската министерка Петрова Чамова, која македонскиот народ го нарекува “северномакедонци”. Венко Филипче нема достоинствен став и не застанува во одбрана на националниот идентитет, Филипче молчи за навредите, прави лични калкулации и продолжува со сервилност.
Дополнително, Филипче не се огради ниту од ставовите на членови од неговата партија, кои го негираат делото на Гоце Делчев и македонската историја. Филипче не се огради од неговиот член на ИО Рубин Земон, кој за Гоце Делчев рече дека е мит и дека не направил ништо за Македонија.
Филипче води политика на попуштање, понижување и отворање простор за нови уцени кон Македонија, само поради свои лични интереси за да дојде на власт.
Додека македонскиот народ очекува државнички став и црвени линии за идентитетот, јазикот и историјата, Филипче продолжува со тивка поддршка на наративите кои ја негираат Македонија.
Македонскиот идентитет не е предмет на преговори. Македонскиот јазик и историја не се тема за политички пазарења.
Секој политичар кој молчи пред навреди кон Македонија, директно ги охрабрува оние што сакаат да ја разнебитат државата и националното достоинство.
Македонија заслужува политичари кои ќе ја бранат државата, а не да молчат пред нејзините негатори, се вели во соопштението на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.








