Виктор Петровски – најмлад тренер освојувач на титулата во Првата лига жени

Еден од најталентираните стручњаци во земјава Виктор Петровски вечерва го запиша своето име во македонската кошарка.

Со 25 години, тој стана најмлад тренер освојувач на шампионската титула во домашното првенство откако со Крива Паланка триумфираше во првенството.

На својата екипа ѝ ја донесе првата шампионска титула и воопшто првиот трофеј во клупската историја.


„Пресреќен сум, се исплатеше целиот труд последните години, особено оваа, во која дадовме се од себе за напорната работа да ја крунисаме со титула. Како клуб апсолутно созреавме, тоа го докажавме и низ настапите на ВАБА 2 лигата и апсолутно заслужено стигнавме до трофејот. Се надевам дека ова ќе биде само почеток на наша доминација во домашната кошарка“, изјави Петровски по освоената титула.

Дека ништо во неговата тренерска кариера не е случајно, најдобро зборуваат признанијата од последната сезона во која ВАБА го прогласи за еден од најперспективните тренер на Балканот, а потоа еднаш ја освои наградата за тренер на неделата во ВАБА 2.