Екстремната горештина која во изминатите неколку недели двапати ја погоди Велика Британија донесе температури повисоки од 40 степени Целзиусови во училниците на некои училишта, пренесуваат денеска британските медиуми.
Учениците и вработените страдаат од топлотен удар, мачнини и главоболки, а наставниците сведочат дека очајнички се обидуваат да ги заштитат децата, пренесува „Гардијан“.
Некои наставници ги покривале помладите ученици што лежеле на подот со влажни хартиени крпи, додека на постарите ученици им биле дадени садови со вода за да ги стават нозете во нив. Вработените во училиштата наведуваат дека учењето во текот на најжешките денови е речиси невозможно, бидејќи однесувањето на учениците и нивното внимание многу брзо се влошуваат.
Некои наставници и ученици се онесвестиле, додека други велат дека морале сами да купуваат вентилатори и завеси за прозорците за да се обидат да се заштитат себеси и своите ученици. Една наставничка во основно училиште изјави дека сите ученици лежеле или седеле на подот со шишиња вода, се потеле, стенкале и се жалеле на главоболки и мачнини.
– Возрасните едвај издржуваа, а повеќето деца ги повикуваа своите мајки и татковци. Немаше никакво учење, само преживувавме како што знаевме и умеевме – изјавила наставничката.
Многу училишни згради едноставно не можат да издржат ваква горештина бидејќи имаат малку или воопшто немаат сенка, а имаат многу стаклени површини. Зградите често се стари и лошо изолирани, со вештачка трева или бетон во училишните дворови што дополнително го засилува ефектот на топлината, додека голем дел од училиштата немаат климатизација.
Во мај, владините советници за климатски промени изјавија дека климатизацијата треба да биде инсталирана во сите училишта во наредните 25 години, предупредувајќи дека земјата е „изградена за клима која веќе не постои“.







