Трамп тврди дека на негово барање Иран ги откажал егзекуциите на осум жени, Техеран негира

Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави денеска дека на негово барање иранските власти ја откажале егзекуцијата на осум жени кои протестирале против власта во Техеран.

Според тврдењата на Трамп, четири од жените ќе бидат ослободени веднаш, додека останатите ќе добијат затворски казни од по еден месец.

„Многу добри вести“, напиша Трамп на својата социјална мрежа „Трут соушл“ (Truth Social), изразувајќи му благодарност на иранското државно раководство за тоа што ја уважило неговата молба.

Сепак, иранските власти веќе ги оспорија ваквите наводи на американскиот претседател. Новинската агенција на иранската судска власт, „Мизан“, соопшти дека тврдењата за жени на кои им се заканувала егзекуција се невистинити.


Според Техеран, дел од споменатите жени веќе биле ослободени, а против останатите се водат судски постапки кои можат да резултираат најмногу со затворски казни, но никако со смртни пресуди.

„Трамп повторно беше заблуден од лажни информации“, наведе агенцијата во своето соопштение.

МИА