Стојаноски: Најавата на СДС за блокада на Изборниот законик е алиби за поразот на следните избори

Бојан Стојаноски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на гостување во емисијата „За или против“ на Алфа телевизија се осврна на Изборниот законик кој денес влезе во собраниска процедура и говореше за најавата на опозициската СДС за блокада на истиот.

„СДС го блокира овој законик од две причини. Прво, наоѓа алиби да не учествува на парламентарните избори, кога и да се случат, сакајќи на тој начин уште неколку години да му купат на Венко Филипче на чело на СДС, или припремаат алиби за поразот доколку учествуваат на тие парламентарни избори”, рече Стојаноски и додаде:

„Во прес-конференцијата на Филипче тој вели „гласањето на нашите гласачи во дијаспората е антидемократски чин“. Тоа не сметам дека не е само навреда, туку тоа директно оди во корелација на нарушување на македонскиот идентитет, нешто што СДС подолго време го прави наназад”.

Стојаноски посочи дека политиката не е Фејсбук, туку, како што кажа, потребно е преземање на одговорност затоа што граѓаните очекуваат резултати.


„Откако е Левица парламентарна партија, или е во дел од советите на општините, сетете се барем на една целисходна работа што тие ја имаат направено. Едно е да земате плата и да ве има на социјалните мрежи, друго е вие да влезете во проблемите, да излезете на теренот и да се обидете нешто да надминете”, посочи Стојаноски.

Стојаноски посочи дека очекува поголема конструктивност од страна на опозициските партии, со цел, како што кажа, испорачување подобри политики кон граѓаните.

„СДС и Левица го потценуваат народот, нешто што мене убедливо најмногу ми пречи. Политиката не е работа на апстрактност, туку на конкретност. Тоа што вие ќе го кажете, потоа ќе треба да го истестирате со текот на времето и да го направите”, заклучи Стојаноски.