Репрезентацијата на Египет успеа да се пласира во осминафиналето на Мундијалот откако по изведување на пенали ја елиминира Австралија. Натпреварот по продолженијата заврши 1:1, а по пеналите беше 4:2 за Египет.
Египет поведе со Емам Ашур во 13.минута. Во првиот дел Египет беше подобар на теренот, но предноста не успеа да ја зголеми. На почетокот на вториот дел Мохамед Хани ја затресе сопствената мрежа и со тој автогол Австралија изедначи на 1:1.
Откако по 120 немаше победник, пеналите решија која екипа ќе се пласира во осминафиналето. Пеналите за Австралија не ги реализираа капитенот Хари Сутар (го промаши голот) и Лукас Херингтон (пречка). Кај Египет четирите пенали ги реализираа: Махмуд Сабер, Рами Рабиа, Мохамед Салах и Абделмагуид Хосам, додека кај Австралија погодија само: Џексон Ирвин и Авер Мабил.
Египет во осминафиналето ќе игра со победникот од дуелот Аргентина – Зелено ’ртските острови. Почетокот на овој натпревар е на полноќ.
Во последниот дуел од 1/16 финалето од 03:30 часот играат Колумбија и Гана.







