👁️  110

На фудбалски натпревар во Хондурас се случи еден од најбруталните стартови кои сме ги виделе на зелениот терен во последните години, а го направи дефанзивецот Андре Орељана, кој сосема заслужено доби директен црвен картон.

Имено, се играше 89. минута од натпреварот синоќа помеѓу два од најпознатите хондурански клубови Маратон и Олимпиа, кога Орељана, јасно свесен што ќе направи, буквално полета во правец на двајца противнички играчи, а потоа ги покоси и двајцата, сигурно нанесувајќи им повреди и целосно заслужено доби црвен картон.

Тамошните медиуми пишуваат дека ќе биде многу интересно да се види каква последователна казна ќе добие овој играч, особено што се работи за непромислен потег што се коси со здравиот разум, а за ваквите потези прописите налагаат суспензијата да биде многу остра, со цел да не се повторуваат исти или слични прекршоци.

Инаку, треба да се каже дека се се случи во самиот финиш на натпреварот на кој на гостинската Олимпиа имаше водство од 1:0. Стрелец на единствениот гол за победа беше Кевин Лопес во 85. минута.

Да додадеме уште дека Орељана од претходно е познат како пргав играч, а четирите натпревари пред овој ги заврши со жолт картон.

По 8 кола Олимпиа е лидер на табелата со 17 бодови, додека Маратон е на 6. место со 10. Инаку, Олимпиа е најтрофеен клуб во хондуранската лига со дури 36 титули, додека Маратон има 9. Во главната четворка се и Мотагуа со 18 и Реал Еспања со 12. Бранител на титулата е Олимпиа.