Со доделување на наградата „Мето Јовановски“: Свечено отворен Фестивалот „Преку езерото”

Со доделување на наградата „Мето Јовановски“ која за високо уметничко достигнување во областа на филмот, ја доби актерот Тони Наумовски, вечерва во Амфитеатарот во Дојран свечено беше отворено петтото издание на Фестивалот на балкански и медитерански филм „Преку езерото“.

Фестивалот со обраќање го отвори директорот на фестивалот Јани Бојаџи, во присуство на градоначалникот на Општина Дојран, Илија Тентов, и неговото преосвештенство, Епископот Стобиски, г. Јаков, како и  Мими Ѓоргоска Илиевска, претседател на советот на фестивалот и тричленото жири : Мирослав Митиќ, продуцент, Елеонора Венинова, режисерка и Емили Ришел, претставничка од Франција.

Претседателката на фестивалскиот совет, Ѓоргоска Илиевска, истакна дека оваа година особено значајно е што фестивалот добива регионален карактер, и програмата се прикажува во три градови Дојран, Струмица и Гевгелија.
Посебна благодарност до Епископот Стобиски, г. Јаков за неговото присуство на отворањето, изрази директорот на фестивалот Бојаџи, кој во својот говор ја запозна публиката со значењето на филмската работа на актерот лауреат, Тони Наумовски.

– Тони Наумовски е единствениот македонски актер, но и еден од малкумината балканци кои во Њујорк имаат своја кариера на театар, филм и телевизија, истакна Бојаџи, посакувајќи му на овогодинешниот добитник добредојде дома и, како што кажа, во светот на вљубениците во сликите кои се движат преку океанот, преку морето и на крајот преку езерото.


Наумовски во својата емотивна изјава, заблагодарувајќи му се на Бога, истакна дека пред се е благодарен за тоа што пред се е човек.

-Благодарен сум што сум жив и здрав, што можам да го правам она што го сакам, што сум актер и што служам на нешто повисоко од моите амбиции, односно на уметноста, истакна Наумовски додавајќи дека е благодарен за поддршката на сите присутни.

По свеченото отворање публиката имаше можност да ги види краткометражниот филм „Вошки“ во режија на Розе Симоновска и „Држи се за мене“ на Мирсини Аристиду, филм од официјалната селекција.  (МИА)