„Синер ме разнесе“: Искрено обраќање на Ѓоковиќ по поразот на Вимблдон

Новак Ѓоковиќ по поразот од Јаник Синер во полуфиналето на Вимблдон испрати искрена порака дека освојувањето на 25. Гренд слем титула не е единствената цел што го води во кариерата и побара да се намали притисокот што постојано се создава околу тој рекорд.

На прес-конференцијата по натпреварот, српскиот тенисер призна дека очекувањата од јавноста, медиумите, но и од луѓе блиски до него, понекогаш стануваат преголем товар.

-Тоа не е крајната цел. Многу луѓе ме оптоваруваат, некои луѓе кои се во мојот втор круг на блискост во животот, како и дел од медиумите. И јас сакам 25, но тоа не е крајната цел. Почнува малку да ме нервира. Ајде да ги ставиме работите во перспектива. Како да не се доволни 24 Гренд слем титули, па мора да бидат 25. Како 400 недели на првото место да не се доволни, туку мора да бидат 1.000. Треба да бидеме благодарни, изјави Ѓоковиќ.

Говорејќи за самиот натпревар, тој беше искрен и призна дека Синер бил далеку подобар.

„Не знам што можев да направам поинаку. Ме разнесе. Беше доминантен и многу подобар од мене. Секогаш беше чекор пред мене. Ќе видиме дали повторно ќе се вратам, а јас би сакал“, рече Новак.

На прашањето од италијанските новинари дали можел да биде поконкурентен, Ѓоковиќ не се согласи со таквата оценка.


„Не се согласувам. Бев конкурентен, секогаш сум конкурентен и секогаш давам сè од себе. Можеби однадвор изгледа поинаку, но секогаш сакам да победувам и да го освојам Вимблдон. Разочаран сум, но тој беше подобар. Неговиот сервис е непредвидлив, одлично ја користи висината и веднаш по сервисот ја презема контролата во поените.“

Сепак, српскиот ас истакна дека има причини да биде задоволен од настапот на турнирот, потсетувајќи дека претходно го совладал Феликс Оже-Алијасим, кој е меѓу најдобрите тенисери во светот.

-Докажав дека сè уште можам да играм на највисоко ниво. Загубив во три сета од најдобриот тенисер во светот и тоа е реалност што морам да ја прифатам. Турнирот беше позитивен во однос на мојата посветеност и борбен дух, рече тој.

Ѓоковиќ потсети и на своите резултати од последните две сезони.

„Минатата година стигнав до четири полуфиналиња, а оваа година до едно финале и едно полуфинале. За 99 проценти од тенисерите тоа се одлични резултати на Гренд слем турнирите. За мене се добри, но не и доволно добри.“