Швајцарија уште го крие досието на Менгеле, допрва ќе го отворела, ама не се знае кога

Швајцарската федерална разузнавачка служба соопшти дека ќе ги отвори запечатените досиеја за озлогласениот нацистички воен злосторник Јозеф Менгеле, но без наведување на рокот. Тој избегал од Европа по Втората светска војна, но со години постоеле гласини дека некое време престојувал во Швајцарија, иако имало меѓународен налог за негово апсење.

Историчарите постојано бараа пристап до досиејата, но швајцарските власти одбиваа.

Менгеле бил лекар кој служел во СС-одредот. Тој бил испратен во логорот Аушвиц во окупираната Полска, каде што ги избирал оние кои ќе бидат убиени во гасните комори, чија бројка се проценува на 1,1 милион луѓе. Познат како Ангел на смртта, тој исто така вршел садистички медицински експерименти врз затвореници, првенствено деца и близнаци, кои му биле од особен интерес.

По завршувањето на војната, го променил името и добил документи од Црвениот крст во швајцарскиот конзулат во Џенова, по што избегал во Јужна Америка.

Иако избегал од Европа во 1949, Менгеле бил на скијачки одмор во швајцарските Алпи со својот син Ролф во 1956 година. Таа информација е позната од 1980-тите. Официјално, после тоа, тој го поминал остатокот од својот живот во Јужна Америка.


Но, швајцарската историчарка Регула Бохслер секогаш се прашувала дали Менгеле повторно се вратил откако во 1959 била издадена меѓународна потерница за него. Бохслер открила дека во јуни 1961 австриската разузнавачка служба ги предупредила Швајцарците дека Менгеле патува под лажно име и дека можеби се наоѓа на швајцарска територија.

Апсењето на баран воен злосторник би ја вклучувало швајцарската федерална полиција. Во 2019, Бохслер аплицирала во Швајцарскиот федерален архив за да ги види и досиејата, но била одбиена. Досиејата биле запечатени до 2071 година.

Швајцарската разузнавачка служба конечно се премисли, но кажа дека за целосна транспарентност можеби ќе треба уште некое време.

Менгеле со децении е предмет на мистерија, гласини и заговори. Тој никогаш не бил уапсен. Кога починал во Бразил во 1979, бил погребан под лажно име. Во 1985 неговото тело било ексхумирано и, конечно, во 1992 година, ДНК тестирањето потврдило дека е негово.

Курир.мк