👁️  201

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска кажа дека немал никаква улога при вработувањето на неговата сестра во М-НАВ пред 15 години. Тој вели дека тоа се случило 12 години пред да стане министер за надворешни работи, но не кажа дека пред 15 години бил министер за здравство.

„Работи од пред 15 години, за критериумите ќе ги прашате во М-НАВ. Јас немам никаква улога во тоа, тоа е 12 години пред јас да станам министер за надворешни работи. И оваа тема е искористена на секои избори во последните 15 години. И веќе 15 години јас истото образложение го давам, меѓутоа очигледно изборите го прават тоа, така да играме по тие ноти“, изјави Османи, одговарајќи на новинарско прашање М-НАВ прес-конференцијата со неговиот албански колега Игли Хасани.

Бујар Османи беше министер за здравство во владата на Никола Груевски од 2008 до 2011 година. Потоа беше секретар за комуникација со јавност на ДУИ, а во 2017 година беше назначен за вицепремиер за европски прашања. Од пред три години е министер за надворешни работи.

Освен сестрата на Османи, во М-НАВ се вработени и снаата на првиот вицепремиер и министер за политички систем Артан Груби, снаата и синот на поранешниот пратеник на ДУИ Ејуп Аљими, внукот на советникот во М-НАВ Беким Незири, како и внукот на министерот за земјоделиe Љупчо Николовски.