Белгија ќе ги национализира нуклеарните централи

Белгиската влада потпиша писмо за намера да ги преземе нуклеарните централи управувани во таа земја од Електрабел, подружница на францускиот ЕНЏИ, што отвора пат за евентуална национализација на клучен дел од енергетскиот систем.

Ова практично би ја променило политиката на постепено укинување на нуклеарната енергија воведена на почетокот на 2000-тите поради безбедносни причини, пишува ДВ. Премиерот Барт де Вевер нагласи дека Белгија сака да ја намали зависноста од фосилни горива и да ја зајакне енергетската автономија.

Преговорите ги опфаќаат сите седум реактори, заедно со средствата, вработените и обврските како што е отстранувањето на отпадот. Во моментов, само два реактори се во функција, додека договорот би го запрел планираното затворање на другите централи.


Пресвртот доаѓа откако Белгија минатата година се откажа од 20-годишната политика на исклучување на нуклеарната енергија, поттикната од зголемувањето на цените на енергијата по војната во Украина. Во 2003 година, парламентот го ограничи работниот век на нуклеарните централи на 40 години и ја забрани изградбата на нови.

Според Меѓународната агенција за енергија, уделот на нуклеарната енергија во производството на електрична енергија во Белгија се намалил од околу 60 проценти во раните 2000-ти на приближно 40 проценти денес. Но, новите геополитички шокови, вклучително и зголемувањето на цените на енергијата поради конфликтите на Блискиот Исток и прекините во снабдувањето, ја реактуализираа улогата на нуклеарната енергија во Европа.