На прес-конференцијата по натпреварот со Турција својот став го сподели селекторот Гоце Седлоски.
„Сакам да ѝ честитам на Турција која заслужено нè победи. Навистина се одлична репрезентација полна со квалитетни фудбалери. Загубивме со 4-0, ја преземам сета одговорност бидејќи јас ги поставувам играчите. Ова е пријателски натпревар, на сите играчи им дадов шанса. Од овие натпревари треба да учиме многу. Точно е, имаме четири меча без постигнат гол. Работиме на тренинзите на тој сегмент. Игравме со силни репрезентации, а иако тоа не е оправдување, мора да работиме. Од наши грешки примавме голови и мора да продолжиме, да анализираме што погрешивме и да не ни се повторуваат тие ситуации.
За дел од тимот ова е ново, па се надевам дека ќе биде добро.
Данска и Турција ни дадоа по четири гола. Иако денес одигравме пријателска средба, мора да се учи.
Знаеме со какви фудбалери располагаат овие ривали. Ние креираме нешто ново, се знае дека кој и да е повикан мора да даде максимум. Не смееме да се распаѓаме по примен гол. Мора да ги научам играчите дека треба да се оправда довербата да се биде дел од националниот тим. Имам слика за секој играч и треба да одлучам како ќе работиме пред Лигата на нациите. Дел од измените ни беа принудни на полувреме. Имаше играчи кои требаше да влезат по еден час игра, ама не бев задоволен од дефанзивата која јас ја поставив тактички и затоа менував. Мислам дека сите го дадоа максимумот, ама против вакви репрезентации секоја грешка не ти се простува. Треба да ги избегнеме грешките, мораме добро да ги анализираме и да не се повторуваат. Оставете ги фудбалери јас ги повикав, одговорноста е на мене, а кој ќе игра во септември ќе видиме“, изјави Седлоски.
Пред нашата репрезентација есенва е уште еден голем предизвик, бидејќи ќе игра во Лига Б од Лигата на нациите. Овие тестови беа добри поради тоа што нивото на ривалите е слично, а во групата ќе играме Швајцарија, Словенија и Шкотска.







