СДС и Филипче повторно се на истата линија, власт по секоја цена со распродажба на националните интереси и штета на државата

ВМРО-ДПМНЕ обвини дека СДСМ и лидерот Венко Филипче се подготвени на нови отстапки во однос на јазикот, културата и идентитетот, со цел, како што велат, повторно да дојдат на власт.

Според партијата, отстапките, компромисите и сервилноста се „генетски код“ на СДСМ, особено кога станува збор за клучните државни одлуки и промени кои ја обликувале државата.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Филипче, како и неговиот претходник и ментор Зоран Заев, повторно ја става државата „на распродажба“, нудејќи ги најчувствителните национални прашања како средство за политичко враќање на власт.

„Прашањата за идентитетот и историјата не смеат да бидат предмет на политичко пазарање“, наведуваат од партијата, оценувајќи дека пристапот на СДСМ кон односите со Бугарија значи прифаќање на туѓи наративи на штета на македонскиот јазик, историското наследство и националните интереси.


Во соопштението се додава дека граѓаните се уморни од, како што велат, приказната за „уште една мала отстапка“ која наводно ќе ја донесе државата поблиску до Европската Унија, оценувајќи дека таквиот наратив се повторува со децении без конкретни резултати.

Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека Македонија веќе направила значителни чекори и големи отстапки во процесот на евроинтеграции, но довербата кај граѓаните опаѓа поради, како што велат, празни ветувања и политички пазар на штета на националните интереси.

Партијата нагласува дека за разлика од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ има јасни и цврсти позиции и дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ води политика насочена кон заштита на националните интереси и достоинството на македонските граѓани.