САД и Иран постигнаа договор за примирје, се чека одобрување од Трамп

Преговарачите на САД и Иран постигнаа договор за 60-дневен меморандум за разбирање со кој би се продолжило примирјето и би се покренале преговори за иранската нуклеарна програма, но американскиот претседател Доналд Трамп сè уште нема дадено конечно одобрување за договорот, јави денеска Аксиос, повикувајќи се на американски официјални лица.

Според наводите на изворите, меморандумот предвидува пловидбата низ Ормуската Теснина да биде „неограничена“, што подразбира забрана за наплата на такси и попречување на бродовите, како и обврска на Иран во рок од 30 дена да ги отстрани сите мини од протокот. Американската поморска блокада исто така би била укината, но постепено и пропорционално со обновувањето на комерцијалната пловидба.

Меморандумот вклучува и обврска на Иран дека нема да развива нуклеарно оружје, додека во текот на 60-дневниот период на преговори, приоритетни прашања би биле решавањето на судбината на иранскиот високо збогатен ураниум и иднината на програмата за збогатување ураниум.

САД би се обврзале да разговараат за ублажување на санкциите и за ослободување на замрзнатите ирански средства, а меморандумот би вклучувал и механизам за испорака на стоки и хуманитарна помош за Иран.


Американските официјални лица наведуваат дека условите на договорот се главно усогласени уште во вторникот, но дека двете страни морале да добијат согласност од највисокото политичко раководство. Според нив, иранската страна дополнително соопштила дека ги обезбедила потребните одобрувања и дека е подготвена за потпишување на договорот, што Техеран засега официјално не го потврдил.

Американските преговарачи го запознале Трамп со деталите на договорот, по што тој побарал неколку дена за разгледување.

– Претседателот им порача на посредниците дека сака неколку дена за да размисли – изјавил еден американски функционер.