Руската воздушна одбрана пресретна и уништи 419 украински дронови во текот на претходната ноќ, објави руското Министерство за одбрана на социјалните мрежи.
„Во текот на ноќта, помеѓу 20 часот по московско време на 29 јуни и 7 часот наутро на 30 јуни, воздушната одбрана пресретна и уништи 419 украински дронови“, се наведува во соопштението.
Анектираниот црноморски полуостров Крим, соседниот руски регион Краснодар и руската престолнина Москва беа меѓу 19-те територии што беа цел на нападот.
Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, рано утрово изјави дека во текот на ноќта биле пресретнати 46 украински дронови лансирани кон главниот град на Русија, но не прецизираше дали има повредени или материјална штета.
На каналот Телеграм мосоквскиот градоначалник напиша за девет бранови дронови што се уништени од противвоздушната одбрана додека се движеле кон градот.
Тој прецизираше дека спасувачките екипи се распоредени во областите каде што паднале остатоците од дроновите, без да даде други детали.
Приватна куќа во московското предградие Јегорјевск се запали откако беспилотно летало ја погоди, шестмесечно бебе кое се наоѓаше внатре почина во болница, а уште три лица беа повредени, објавија руските медиуми, повикувајќи се на гувернерот на Московскиот регион Андреј Воробјов.
„Приватна куќа се запали во Јегорјевск во текот на ноќта откако беше погодена од беспилотно летало. Луѓето во куќата беа заробени под урнатините. Спасувачите брзо извлекоа двајца возрасни и две деца. За жал, шестмесечното бебе почина на пат кон болница. Повредените се хоспитализирани и лекарите им ја пружаат целата потребна медицинска помош“, се наведува во соопштението на гувернерот.
Најновиот голем бран напади со беспилотни летала доаѓа откако серија од 660 украински беспилотни летала беа лансирани во ноќта помеѓу минатиот четврток и петок, што беше еден од најголемите напади откако започна конфликтот во февруари 2022 година.
Русија потоа објави дека ги пресретнала или уништила тие беспилотни летала.








