САД ќе застанат покрај своите европски сојузници во одбраната на балтичките земји, изјави денеска во Естонија командантот на копнените сили на НАТО во Европа, Кристофер Донахју.
– Вие сте подготвени да направите повеќе и да ги следите вашите зборови со дела, а САД ќе бидат таму со вас. Вака се гради одвраќањето: Не со зборови од говорница, туку со чизми во калта, истакна американскиот генерал Крис Донахју во естонскиот град Валги.
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус изјави дека дополнителниот штаб за одбрана на Балтикот докажува дека НАТО ќе го брани секој сантиметар од сојузничката територија.
– Тоа е видлива и моќна демонстрација на единство, подготвеност и наша колективна решителност да го браниме секој сантиметар од сојузничката територија, наведе Писториус на церемонијата на предавање на командата врз сојузничките копнени сили во Летонија и Естонија на германско-холандскиот корпус.
На церемонијата присуствуваа и министерот за одбрана на Естонија и на Летонија, Хано Певкур и Раивис Мелнис.
Војниците на НАТО во сите три балтички земји, како и во северна Полска, досега беа под команда на мултинационален штаб со седиште во Шчеќин, Полска.








