Русија денеска и се закани на Ерменија дека ќе го суспендира договорот за евтини енергенси ако Ереван го продолжи процесот за членство во Европска Унија.
– Амбасадата на Русија официјално испрати писмо во кое се наведува дека, доколку процесот на пристапување кон ЕУ продолжи, руската страна ќе го суспендира или еднострано ќе го раскине Договорот за соработка во снабдувањето со природен гас, нафтени производи и необработени дијаманти, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
Предупредувањето од Москва е пред парламентарните избори во Ерменија, што се закажани на 7 јуни, а според анкетите фаворит е прозападната партија Граѓански договор на актуелниот премиер Никол Пашинијан, додека поголемиот број од опозициски партии важат за проруски.
Ерменија, поранешна советска република, нема излез на море и во голема мера зависи од увозот на руски енергенси. Ереван минатата година увезол 2,7 милијарди кубни метри гас, од кои 82 проценти пристигнале од Русија.
Ерменија во 2015 година се приклучи на Евроазиската економска унија, доминирана од Русија. Но, Ерменија веќе две години покажува недоверба кон Москва, која е историски сојузник и снабдувач на оружје на Ереван. Русија сè уште има воена база на ерменска територија.
Ереван го обвинува Кремљ дека не ѝ даде доволна поддршка на Ерменија за време на вооружените конфликти во Нагорно-Карабах во 2020 и во 2023 година.
Ерменскиот парламент минатата година донесе закон што овозможува почеток на преговори за пристапување во ЕУ.
Шефот на ерменската дипломатија Арарат Мирзојан и американскиот државен секретар Марко Рубио вчера во Ереван потпишаа договор за стратешко партнерство помеѓу двете земји. Тие потпишаа и рамковен договор за критични минерали и договор за соработка за предложен транзитен коридор од 43 километри што би поминувал низ јужна Ерменија и Азербејџан за да обезбеди директен пристап до нејзината енклава Нахчиван, а со тоа и до Турција, близок сојузник на Баку.
Кремљ вчера, пред посетата на Рубио, соопшти дека Ерменија би можела да ја изгуби „многу привлечната“ цена што ја плаќа за рускиот гас ако се откаже од интеграцијата со Русија.







