Ристовски на Меѓународниот турнир во борење „Македонски бисер“: Да ја чуваме традицијата и вистинските вредности

Ова е спортска традиција која трае многу години и треба да ја чуваме – порача министерот за спорт Борко Ристовски на одбележувањето на јубилејното 50.издание на Меѓународниот турнир во борење „Македонски бисер“ во Радовиш на кое присуствуваа и градоначалникот на Општина Радовиш, Љупче Почивалец, претседателот на Боречката федерација на Македонија, Дејан Богданов како и бројни поддржувачи на борењето и вљубеници во овој спорт.

Турнирот,на кој настапија борачи од 10 земји и централната свеченост, се одржа во салата „25 Мај“ која минатата година беше комплетно реновирана со инвестиција обезбедена од Министерството за спорт.

-Радовиш е спортски град, град на борењето, а ова е една традиција која трае многу години и организаторите заслужуваат пофалба за ваквата организација. Упатувам честитки до сите боречки легенди и до сите оние што го сакаат борењето.

Турнирот „Македонски бисер“ пет децении е симбол на традицијата и на спортскиот дух и тоа треба да го чуваме. Министерството за спорт секогаш ќе ги поддржува ваквите спортски настани, секогаш ќе стои на страната на вистинските спортски вредности и ќе вложува во младите таленти и во создавањето на подобри услови за спортот – истакна Ристовски.


За поддршката и успешната соработка со Министерството за спорт, на министерот Борко Ристовски му беше доделена плакета.

Јубилејот на еден од најстарите и најреномирани спортски турнири во Македонија беше одбележан со повеќе активности и пригодна свеченост на која беше промовирана монографијата „50 години Македонски бисер“, посветена на историјата и развојот на турнирот низ децениите.

Во натпреварувачкиот дел, македонскиот борач Омер Мемеди го освои трофејот „Македонски бисер“ на јубилејниот 50-турнир, Расул Шапиев е прогласен за најдобар домашен борач, а Раду Лефтер од Молдавија го доби признанието за најдобар странски борач.