👁️  19

Стотици австралиски пожарникари денеска се борат со пожарот во близина на Перт, главниот град на Западна Австралија, а властите апелираа до населението да ги напуштат ризичните области.

Портпаролот на противпожарната служба изјави дека со пожарот се борат 240 пожарникари, како и дека ситуацијата е на ниво на вонредна состојба и највисок степен на предупредување за опасност.

Во пожарот, кој избувна вчера изгореа околу 417 хектари во диви, ненаселени области, а Метеоролошката канцеларија денеска издаде предупредување за „екстремна опасност од пожар“ за делови од Западна Австралија.

Повеќе од 25 пожари избувнаа низ најголемата австралиска држава, а локалните власти предупредија дека се загрозени жителите во руралната област Гингин кај Читеринг, на околу 60 километри од Перт.

Метеоролозите денеска прогнозираат температура до 35 Целзиусови степени во главниот град Перт.

Австралија е во сезона на шумски пожари со висок ризик поради временскиот феномен Ел Нињо поврзан со циклони, суши, топлотни бранови и шумски пожари.

Фото: МИА архива