Пет земји ја бојкотираа Евровизија: Еве што емитуваа наместо тоа – Словенците отидоа најдалеку

Пет земји одбија да учествуваат во натпреварот, а некои од нив отидоа чекор подалеку и дури и не ја емитуваа Евровизија.

Овогодинешната Евровизија не беше без контроверзии, исто како и во претходните години. Најнегативно внимание привлече Израел, со чие учество некои земји не се согласија и затоа решија да го бојкотираат натпреварот.

Па оваа година не ги видовме претставниците на Шпанија (инаку членкa на „големата 5“), Исланд, Холандија, Словенија и Ирска.

Освен што не се натпреваруваа, некои од овие земји целосно се дистанцираа од овогодинешната Евровизија. Ирската RTÉ емитуваше епизода со евровизиска тематика од „Father Ted“ наместо Евровизија, додека шпанската RTVE емитуваше свој музички специјал „The House of Music“.

Шпанската телевизија, емитуваше порака за време на Евровизија.

„Евровизија е натпревар, но човековите права не се. Нема место за рамнодушност. Мир и правда за Палестина“, велат тие во порака што стана вирална на социјалните мрежи.

Словенечката РТВ одлучи да емитува програма посветена на Палестина, нагласувајќи:

„Наместо евровизискиот циркус, националната телевизиска програма ќе биде обоена од тематската програмска серија „Гласовите на Палестина“.

Холандската и исландската телевизија го емитуваа натпреварот и покрај тоа што не учествуваа.

Само 35 земји учествуваа на Евровизија оваа година, најмалку од зголемувањето на бројот на учесници во 2004 година.

Директорот на Евровизија, Мартин Грин, се осврна на земјите што одлучија да го бојкотираат натпреварот и зборуваше за можноста за нивно враќање.

„Оваа година ни недостасуваат пет члена од нашето семејство. Ни недостигаат, ги сакаме и се надеваме дека ќе се вратат. Ќе ги продолжиме разговорите. Многу сме јасни кога велиме дека ќе направиме сè што е во наша моќ да најдеме пат назад. На крајот, сè зависи од нив и јас целосно го почитувам тоа“, рече тој за време на прес-конференцијата во Виенер Штадхале.