Владејачката ВМРО-ДПМНЕ обвини дека случајот „Мазут“, вреден 167 милиони евра, е пример за, како што велат, „селективна правда и политичко влијание“ врз обвинителството од страна на СДСМ и ДУИ.
Во партиското соопштение се посочува дека обвинителите Коларевиќ и Абази „ја запреле постапката против лица блиски до СДС и ДУИ“, и покрај, како што наведуваат, доказите од МВР, извештаите на Државниот завод за ревизија и сомнежите за штета врз здравјето на граѓаните и државниот буџет.
„Семејните и личните интереси на обвинителите Коларевиќ и Абази ги амнестираше осомничените блиски до СДС и ДУИ за случајот ‘Мазут’ вреден 167 милиони евра“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата тврдат дека обвинителството „е штит за криминалните активности на кадрите од СДС и ДУИ“, додавајќи дека „наместо правда има амнестија за најголемиот енергетски скандал во Македонија“.
Во соопштението се отвораат и повеќе прашања до институциите и опозициската СДСМ, меѓу кои: „Кој и зошто наредил постапката да биде запрена?“, „Дали постојат финансиски мотиви зад оваа одлука?“ и „Зошто СДС молчи за случајот и не бара одговорност од Васко Ковачевски?“.
ВМРО-ДПМНЕ бара „целосна и независна истрага за случајот ‘Мазут’ и одговорност за сите инволвирани“, оценувајќи дека „правдата не смее да биде селективна“.








