Американската технолошка компанија Мета денеска соопшти дека воведува построги мерки за заштита на тинејџерите на платформите Инстаграм, Фејсбук и Месинџер.
Компанијата наведе дека стандардните поставки за корисниците помлади од 18 години автоматски ќе го ограничуваат прикажувањето на содржини што се сметаат за несоодветни за нивната возраст.
Овие правила минатата година прво беа воведени во САД, Велика Британија, Австралија и Канада, а сега ќе бидат достапни ширум светот.
Новите „13+“ поставки се наменети за филтрирање на содржините во објавите, кратките видеоснимки (reels) и препораките што ги добиваат корисниците.
На Фејсбук дополнително ќе се ограничува интеракцијата со профили, групи и страници кои објавуваат содржина оценета како несоодветна за тинејџери, додека на Месинџер ќе се намали можноста за пристап до таква содржина преку линкови и разговори.
Подоцна во текот на годината ќе биде воведена и построга опција „Ограничена содржина“ (Limited Content), наменета за родителите кои сакаат дополнителни ограничувања за профилите на своите деца.
Компанијата истовремено тестира нова функција на Инстаграм која би требало да обезбеди поголема разновидност на содржините што тинејџерите ги гледаат во своите препораки, објави и видеоснимки. Целта е да се избегне ситуација во која алгоритмот континуирано прикажува голем број објави на иста тема, наведува Мета на својата веб-страница.
Според наводите на компанијата, одредени теми како што се исхраната, вежбањето или советите за справување со анксиозност можат да бидат корисни, но не би требало да доминираат во корисничкото искуство.
Мета исто така ги унапреди системите за препознавање на профили кои редовно објавуваат содржина несоодветна за помлади корисници, а дополнително го ограничи прикажувањето на снимки кои промовираат опасни предизвици, вклучувајќи го и трендот познат како „сурфање на автомобили“.







