Иднината на британскиот актер Том Харди во популарната серија „Земја на мафијата“ и понатаму останува неизвесна откако во јавноста се појавија неколку спротивставени информации за неговиот статус во продукцијата. Според различни извори, актерот или добил отказ или сам одлучил да ја напушти серијата.
Според британските медиуми, засега не е јасно дали Харди ќе се појави во третата сезона од серијата, која веќе е предмет на продукциски планови.
Шпекулациите почнаа по објавата на порталот „Пак њуз“ (Puck News), кој повикувајќи се на анонимни извори блиски до продукцијата, објави дека Харди повеќе нема да учествува во снимањето на веќе најавената трета сезона. Оваа информација брзо предизвика реакции и отвори дилеми околу неговиот понатамошен ангажман во проектот.
Првата сезона од серијата веќе е емитувана, додека втората е снимена и се очекува нејзино прикажување во текот на оваа година. Харди во серијата ја толкува главната улога, ликот Хари да Соуса, поради што неговото евентуално заминување би претставувало значаен предизвик за понатамошниот развој на приказната и продукцијата.
Додека „Холивуд репортер“ објави дека однесувањето на Харди на сетот било проблематично. Актерот често поминувал подолг временски период во својата приколка и во некои случаи доцнел на снимањата, што наводно влијаело врз работниот процес.
Од друга страна, „Варајети“ ги демантираше таквите тврдења, нагласувајќи дека актерот не е избркан од серијата. Според нивните извори, на сетот навистина постоеле одредени тензии, но тие биле решавани во рамки на продукцијата и не довеле до официјален прекин на соработката. Во истиот извештај се наведува дека можноста Харди да се врати во трета сезона сè уште не е исклучена.
Дополнителна збунетост предизвика и порталот „Пејџ сикс“ кој објави дека актерот наводно сам одлучил да не се врати во продолжението на серијата. Според тие докази, Харди од продукцијата побарал сценаријата да ги добива значително порано, со цел подетално да се подготви за развојот на својот лик. Но сценаристот Џез Батерворт, поради други професионални обврски, не бил во можност да го исполни тој услов.
Истите извори наведуваат дека подолгото задржување на актерот во приколката повремено ја забавувало продукцијата и довело до зголемување на трошоците за снимање на продукциската куќа „Студиос 101“ (101 Studios). Сепак, не се работело за отворен конфликт, туку за нарушени работни односи.
Исто така се тврди дека Харди веќе им дал до знаење на продуцентите дека не планира да се врати во третата сезона, но дека останува отворен за учество во промотивните активности поврзани со втората сезона. Поради ваквата неизвесност, продуцентите наводно веќе разгледуваат потенцијални замени. Меѓу имињата што се споменуваат се Колин Фарел и Идрис Елба. (МИА)








