Муцунски: Наша цел како Влада е да не ја ставаме државата во позиција само да ги почне преговорите, туку и да ги заврши доколку се спроведат реформите

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, изјави дека нивна цел како Влада не е да ја стават државата во позиција каде што таа само ги отпочнува преговорите, туку да биде во ситуација каде што, доколку се спроведат соодветните реформи во различните области, да може да ги заврши преговорите.

-И тука е всушност каде што настанува моментот на постоење на на спор. Односно, убедувањето на најголем дел од земјите членки, европските институции дека единствена кочница на нашиот пат се уставните измени, очигледно е дека не се, дека има многу повеќе. И тоа е тоа за коешто треба да дискутираме и со Кошта, од потребата од давање на гаранции спрема нас како држава. Патем, и тој во Софија го кажа тоа, пред околу прилика една година, дека државата треба да добие дополнителни гаранции, рече Муцунски во „Тема на денот“ на телевизија Сител.

Тој говореше за спроведувањето на реформите од Реформската агенда и очекувањата за нови средства од Планот за раст. Истакна дека Владата посветено работи и изрази уверување дека Македонија повторно ќе биде меѓу најуспешните земји во регионот според бројот на реализирани реформи.

-Очекувам да спроведеме вкупно од сите рокови кои што ги има, некаде околу 25 реформи. Повторно меѓу земјите од регионот, кои што се дел од Реформската агенда и коишто примаат средства од Планот за раст да имаме спроведено за тој извештаен период најмногу реформи и повторно да добиеме најмногу средства, вели Муцунски.

Муцунски апелираше до опозицијата да даде конструктивен придонес и да се вклучи во процесите што произлегуваат од европската агенда.

-Ова се закони коишто ги носиме по барање на европските институции, закони и подзаконски акти, кои што се за доброто на државата и закони коишто ги подготвуваме заеднички со европските институции, посочи тој.

Според него, неконзистентно е опозицијата да зборува за европски вредности и европска интеграција, а истовремено да не ги поддржува законите што произлегуваат од европската агенда во Собранието.


-Кога ќе дојде редот да ги поддржите законите со европската агенда, да не ги гласате во Собрание и да бегате од работните групи како таа за Изборниот законик, кои што се на ОДИХР, но исто така на барање на европските институции, потенцира Муцунски.

Тој истакна дека Владата посветено ја извршува својата работа и дека граѓаните можат да бидат сигурни оти во следниот извештаен период Македонија повторно ќе биде меѓу водечките земји по бројот на спроведени реформи.

На прашањето дали треба ли да се прашаат граѓаните на референдум што тие мислат за цената, за отстапките, за промената на уставот, тој истакна дека референдумот е најсилната алатка што граѓаните ја имаат, но референдум во овој момент ниту има некоја логика, ниту нешто може конкретно да значи, ниту некој пробив да даде по однос на состојбата.

-Единствено служи како внатрешно-политичка алатка на главната опозициска партија која, ако им следите и денешните прес-конференции, не знаат ни кога ни се роковите за испорака на реформите. Тие денес држат прес-конференции и велат „Реформите требаше да ги испорачате до јуни“, а не се свесни дека рокот е 30- јуни, а не не 1-ви јуни. А суштината е следна: нашите граѓани, сите анкети на јавно мислење ни покажуваат апсолутно дека без никаква дилема, недвосмислено даваат поддршка на европскиот пат. Но истовремено и анкетите на јавно мислење и чувството кај нашите граѓани, доколку зборувате со поширок корпус на граѓани, е дека не треба да го продолжиме патот на отстапки во низа без јасни сигнали дека тоа е крај. И сметам дека како влада правиме максимум да ја подобриме состојбата, рече Муцунски.

Прашан дали токму Европскиот совет може да биде гарант, да го испорача ова барање на македонската влада за гаранции, вели апсолутно да.

-Дефинитивно, и тоа е тоа што ние го кажуваме. Една од институциите коишто можат преку свои заклучоци да даде гаранции дека нема за нашата држава да има дополнителни барања поврзани со историја, со идентитет, јазик и култура е Европскиот совет, како главна институција што ги носи одлуките во името на земјите-членки. Но не треба да се запостави запостави и нашето очекување дека соседна Бугарија ќе покаже минимум добра верба спрема нас и ќе си ги преземе обврските согласно Европската конвенција за човекови права, рече Муцунски.