ММФ очекува раст на светската економија од три отсто во 2026 и 3,4 отсто во 2027 година

Глобалната економија ќе порасне за три отсто во 2026 година и за 3,4 отсто во 2027 година, се наведува во денеска објавените ажурирани Светски економски изгледи (WEO) на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

Новата кумулативна прогноза за следните две години е речиси непроменета во споредба со проекциите од Светските економски изгледи од април 2026 година, се додава во извештајот. Растот ќе биде помал од просечните 3,5 проценти забележани во периодот од 2024 до 2025 година, напоменува Фондот.

Успорувањето поради последиците од војната на Блискиот Исток е делумно компензирано со забрзаниот замав во глобалниот технолошки циклус, воден од побарувачката благодарение на напредокот во вештачката интелигенција (ВИ) и нејзиното усвојување, се вели во анализата.

Еврозоната ја очекува раст од 0,9 отсто во 2026 година и 1,2 отсто во 2027 година, а Соединетите Американски Држави од 2,3 отсто во 2026 година и 2,2 отсто во 2027 година. Кинеската економија ќе порасне за 4,6 отсто во 2026 година и за 4,1 отсто во 2027 година, додека економијата на Индија ќе забележи раст од 6,4 отсто во 2026 година и 6,7 отсто во 2027 година.

Се очекува глобалната инфлација да порасне од 4,1 отсто во 2025 година на 4,7 отсто во 2026 година, пред да падне на 3,9 отсто во 2027 година.


Според анализата на Фондот, влијанието на кризата на Блискиот Исток не е исто за сите земји, бидејќи извозниците на енергија надвор од подрачјето на конфликтот имаат корист од повисоките цени на енергенсите. Земјите кои се вклучени во глобалниот технолошки синџир бележат посилен раст, дури и кога се увозници на енергија, порачува ММФ. Најголеми губитници се увозниците на енергија со слабо учество во технолошкиот синџир на вредности, меѓу кои има голем број земји со ниски приходи.

Ризиците за светската економија се нешто поурамнотежени отколку во априлската прогноза, но ММФ предупредува дека и понатаму преовладуваат негативните фактори. Меѓу најголемите опасности се издвојуваат можноста за ново заострување на конфликтот на Блискиот Исток, што би можело повторно да ги подигне цените на енергенсите и да предизвика нарушувања во синџирите на снабдување, како и понатамошната фрагментација на светската трговија, која би можела да го забави економскиот раст и дополнително да ја поттикне инфлацијата.

Фондот предупредува и на можноста за корекција на претерано оптимистичките очекувања во врска со развојот на вештачката интелигенција, што би можело да предизвика нестабилност на финансиските пазари.

ММФ препорачува приоритетите на економската политика да останат насочени кон зачувување на стабилноста на цените преку независна монетарна политика и јасна комуникација на централните банки, обнова на фискалните резерви, како и спроведување на таргетирани и привремени мерки за поддршка на домаќинствата и стопанството.

Според оцената на ММФ, светската економија во моментов се наоѓа на раскрсница меѓу два спротивни процеси – негативното влијание на геополитичките конфликти и позитивниот замав на технолошката револуција. Исходот од тој натпревар, заклучува Фондот, во голема мера ќе ги одреди економскиот раст и стабилноста во наредните години.  (МИА)