Со силна порака дека иднината на државата се гради преку знаење, иновации и поддршка на младите, денеска во Кавадарци се одржа финалето на Националниот натпревар за најдобар бизнис концепт за зелени иновации за средните училишта 2026/2027, под покровителство на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, присуствуваше на финалниот настан и ги додели признанијата и наградите на најуспешните средношколски тимови, кои преку своите идеи понудија конкретни решенија за одржлива иднина, енергетска ефикасност, обновливи извори на енергија и циркуларна економија.
Годинава, на натпреварот учествуваа 42 средношколски тимови од целата држава со свои иновативни зелени концепти, а најдобрите осум обезбедија пласман во денешното финале во Кавадарци.
Првото место го освои тимот GrowHub од ДСУ РЦСОО „Никола Карев“ – Струмица, второто место му припадна на тимот Pepper Waste од СОУ „Јосиф Јосифовски“ – Гевгелија, додека третото место го поделија тимовите Eco Charge Bike од СУГСГ „Раде Јовчевски – Корчагин“ – Скопје и Malesh Air од ОСУ „Ацо Русковски“ – Берово.
Во своето обраќање, министерката Божиновска порача дека поддршката на младите не смее да биде само декларативна, туку реална и континуирана политика на државата.
„Овие млади луѓе покажуваат дека Македонија има знаење, креативност и потенцијал за современ развој. Нашата обврска како институции е да создадеме услови тие идеи да прераснат во реални можности, а младите својата иднина да ја гледаат тука – дома. Инвестицијата во младите, во нивните идеи и иновации, е инвестиција во иднината на државата“, истакна Божиновска.
Таа нагласи дека зелената транзиција не е повеќе прашање на избор, туку неопходност, а младите се клучниот двигател на таа промена.
Натпреварот, кој веќе 18 години претставува една од најзначајните платформи за младинско претприемништво и зелени иновации во државата, е организиран од Центарот за зелени иновации при Машинскиот факултет – Скопје, во соработка со Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење.
Со своето покровителство и поддршка, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини продолжува јасно да ја поставува својата стратешка определба – поддршка на младите, инвестиција во знаење и создавање услови Македонија да стане земја во која иновациите се развиваат, а младите остануваат и создаваат.







