Митева: Културата, уметноста и современиот национален израз дел од 35 години независност на македонската држава

Културата, уметноста и современиот национален израз ќе бидат во фокусот на одбележувањето на 35 години од независноста на Македонија, најави портпаролката на Владата, Марија Митева, при претставувањето на концептот за јубилејната програма.

Според Митева, станува збор за голем државен проект кој треба да остави трајна вредност и силна трага во македонската културна историја. Таа истакна дека целта е одбележувањето на јубилејот да не биде само свечен настан, туку национална културна манифестација од највисок ранг, со современ продукциски пристап и меѓународна препознатливост.

„Нашата цел е да создадеме концепт кој ќе ја претстави Македонија како држава што знае достоинствено да го одбележи сопствениот пат, но и да ја покаже сопствената културна самодоверба пред домашната и меѓународната јавност“, изјави Митева.

Таа нагласи дека проектот ќе биде децентрализиран и нема да се одвива само на една локација или преку еден настан. Наместо тоа, предвидени се повеќе културни содржини во различни градови низ државата, со вклучување на различни форми на уметнички израз.


Во рамки на програмата, од јули до септември се планирани повеќе настани, кои Владата ќе ги претставува етапно заедно со АВАЛОН Продукција. Денеска беше најавен централниот настан што ќе се одржи на 8 Септември, Денот на независноста.

„Веруваме дека Македонија има капацитет да создаде настани со сериозна продукциска вредност, со силна емоција и културна порака што ќе остане запаметена и надвор од нашите граници“, рече Митева.

Таа додаде дека проектот претставува обид да се остави трага за идните генерации и преку културата да се раскаже приказната за 35-годишниот пат на македонската држава.

https://www.youtube.com/watch?v=dqapffQKN9g