Антонио МИЛОШОСКИ
Почитувани медиуми,
Денешната прес-конференција е поврзана со ставот на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, којшто изјави дека ќе го блокира предложениот Изборен законик.
Прво би сакал да напоменам дека ваквата најава од господинот Венко Филипче е само доказ дека неговата главна цел е да се спротивставува на законите коишто се дел од Реформската агенда, а за коишто Европската комисија досега даваше високи оценки за нивното донесување и имплементирање.
Втората работа, сметам дека Венко Филипче преку најавата за блокада на Изборниот законик, бара можно оправдување, алиби за следниот изборен пораз или евентуално за бојкотирање на следните парламентарни избори, без разлика кога ќе се случат.
Третата работа е многу симптоматична и тоа е прашањето дали Венко Филипче ја следи Левица во нејзините ставови. Бидејќи денес имавме најава од Левица за можна блокада и филибастеринг на овој закон од Реформската агенда, а потоа следува потврдата од Венко Филипче којшто се обидува да го имитира Димитар Апасиев. Дали ова е случајно или координирано, останува да одговори претседателот на СДСМ.
И последната поента што сакам да ја упатам, како една остра критика до претседателот на СДСМ, којшто многу често знае реторички да ја истакне важноста на граѓаните на Македонија, без разлика каде живеат, дали во државата или во дијаспората, е што токму овој Изборен законик предвидува електронско гласање на дијаспората согласно моделите коишто ги видовме во Француската Република и во Република Естонија. Ваквото електронско гласање на дијаспората цениме дека е многу важно и за нивното учество со гласање на изборите за претседател на државата и нивното учество со гласање за избор на пратеници.
Но, предавничкиот однос на Венко Филипче, за жал, не се гледа само по неговиот однос кон граѓаните во Република Македонија. Се забележува и преку неговиот пристап кон нашите содржавјани коишто живеат надвор од границите на Македонија. За жал, со ваквиот однос веројатно господинот Филипче ќе ги изгуби и следните парламентарни избори, без разлика кога ќе се случат, но многу е непромислено што со ваквите потези краткорочно можеби наоѓа за себе алиби, но долгорочно ѝ прави штета на Република Македонија. Прво, по однос на нашата Реформска агенда пред Европската комисија и второ, по однос на таа нераскинлива врска на македонските иселеници со матичната држава преку можноста и уставното право тие да гласаат на секои избори.







