Ниту еден клуб не се пријавил за учество во НБА Европа!

Помпезно најавениот проект „NBA Europe“ се соочува со првите сериозни предизвици уште пред официјалното формирање на натпреварувањето.

Според информациите што во неделата ги објави шпанскиот спортски весник „Ел Мундо Депортиво“, ниту еден клуб од самиот врв на европската кошарка засега не поднел пријава за учество во новата лига.

Каталонскиот медиум тврди дека ниту еден актуелен член на Евролигата, како и ниту еден голем фудбалски клуб што би можел да формира кошаркарска секција за потребите на новото натпреварување, не покажал конкретен интерес за приклучување кон проектот.

Доколку овие информации се покажат како точни, тоа би можело да претставува сериозен удар за амбициите на НБА да создаде силна и конкурентна лига на европско тло.


Без учество на најреномираните клубови, новото натпреварување би имало потешкотии да привлече публика, спонзори и медиумско внимание на нивото што го има Евролигата.

Евролигата останува доминантно клупско натпреварување на стариот континент, а нејзините најголеми членки засега не покажуваат подготвеност да го напуштат постојниот систем во корист на новиот проект.

Следните месеци ќе бидат од клучно значење за иднината на „NBA Europe”, која ќе мора да најде начин да ги убеди најголемите европски клубови дека новата лига може да понуди доволно спортски и финансиски придобивки за да стане вистинска алтернатива на Евролигата.