Американскиот милијардер Илон Маск не се појави на сослушувањето пред судот во Париз, каде што беше повикан во рамките на истрагата за можни злоупотреби на неговата социјална мрежа „Икс“, соопшти француското Обвинителство.
„Обвинителството ја констатира отсутноста на првите повикани лица“, се наведува во изјавата, без директно да се спомене името на Маск. Оттаму додаваат дека неговото присуство или отсуство не го попречува натамошниот тек на истрагата. Датумот за сослушувањето бил утврден во февруари, откако одделот за кибер-криминал при париското Обвинителство извршил претрес во француската канцеларија на платформата „Икс“, која е во сопственост на Маск.
Истрагата, која дополнително ги заостри односите меѓу САД и ЕУ околу големите технолошки компании и слободата на говорот, подоцна беше проширена со сомнежи за соучесништво во дистрибуција на детска порнографија и генерирање сексуални „дипфејк“ содржини преку системот „Грок“.
Иако присуството на денешното сослушување било задолжително, властите во оваа фаза не можат да го принудат Маск да се појави.
Маск во јули ги отфрли првичните обвинувања, оценувајќи дека станува збор за „политички мотивирана кривична истрага“. Париското Обвинителство тогаш одби да го коментира случајот.
Социјалната мрежа „Икс“ е под зголемен надзор на регулаторите и на владите во повеќе земји откако Маск ја презеде платформата, при што се анализираат политиките за модерирање содржини, обработката на податоци и усогласеноста со локалните закони.
„Волстрит џурнал“ во саботата објави дека американското Министерство за правда испратило писмо до парискиот обвинител, во кое наведува дека нема да соработува во истрагата бидејќи ја смета за политички мотивирана. Парискиот обвинител изјави дека нема сознанија за такво писмо и додаде дека „францускиот Устав гарантира поделба на власта и независност на судството“.
Маск бил повикан на „доброволен разговор“, што значи дека властите сакаат да го сослушаат без апсење. Доколку не се јави, обвинителите можат да донесат одлука за притвор.








