Премиерката на Јапонија, Санае Такаичи изјави дека по големиот земјотрес Владата формирала оперативна група за вонредни ситуации и ги повика граѓаните од погодените подрачја да се евакуираат на безбедно место.
Владата и Јапонската метеоролошка агенција соопштија дека во северните крајбрежни области постои зголемен ризик од таканаречен огромен земјотрес, феномен во кој помал потрес може да предизвика многу посилен земјотрес. Веројатноста за тоа да се случи во наредната недела се проценува на еден отсто.
Тоа се случи во Јапонија во 2011 година кога земјотрес со интензитет од 7,3 степени претходеше на огромен земјотрес со магнитуда од девет степени според Рихтеровата скала, при што предизвика цунами, а загинаа приближно 20.000 луѓе.
Јапонската Агенција за управување со пожари и катастрофи соопшти дека досега не е пријавена штета или повредени лица по денешниот голем земјотрес што го погоди северниот дел на земјата.
Агенцијата за нуклеарна регулација соопшти дека при земјотресот не се погодени нуклеарните електрични централи и оти не се забележани никакви аномалии.
Земјотрес со интензитет од 7,7 степени според Рихтеровата скала денеска е регистриран во близина на брегот на Сенрикуа, северна Јапонија. Земјотресот бил на 10-ина километри под дното на Тихиот Океан, со епицентар на речиси 100 километри од брегот, по што е издадено предупредување за цунами.
Цунами со висина од 80-ина сантиметри е регистрирано во пристаништето Куја, но издадено е предупредување дека можна е појава на бранови високи и до три метри поради што на 128.000 жители им е препорачано да се оддалечат од брегот.
Предупредувања за цунами се издадени и во префектурите Ивати и Аомори, за југоисточниот дел на островот Хокаидо и за брегот на префектурите Мијаги и Фукушима.
Земјотресите со интензитет од седум до 7,9 се категоризирани како големи, што може да предизвикаат штети на зградите. Големите земјотреси може да се почувствуваат на голема оддалеченост, а штети може да предизвикаат на 250 километри од епицентарот. Големите земјотреси предизвикуваат и цунами. Во светот годишно се случуваат од 10 до 20 големи земјотреси.







