Македонската репрезентација ги продолжува подготовките за двата контролни натпревари против Босна и Херцеговина во Сараево и Турција во Истанбул, а во националниот тим по пауза поради повреда се враќа дефанзивецот Јован Манев.
“Нè очекуваат натпревари против квалитетни репрезентации како Босна и Херцеговина и Турција. Подготвени сме да го дадеме максимумот, без разлика дали станува збор за пријателски натпревар или натпревар за бодови. Такви поделби не постојат кога се игра за репрезентацијата затоа што секој натпревар е исклучително важен“, изјави Манев.
Македонскиот репрезентативец потенцираше дека квалитетот на противниците е дополнителен мотив за добар настап.
„Селекторот ќе го има главниот збор, а наше е да ги испочитуваме неговите барања, да ги реализираме задачите што ќе ни ги постави и да дадеме сè од себе за да оствариме победа“, додаде македонскиот дефанзивец.





