Македонскиот филм „Скејтбордингот не е за девојчиња“ во режија на Дина Дума синоќа ја имаше својата американска премиера на филмскиот фестивал „Трајбека“ во Њујорк. Ова е прво македонско кинематографско остварување што е дел од програмата на овој фестивал.
Како што соопштуваат од ПР тимот на филмот, проекцијата се одржала пред преполна сала на Менхетен, во рамките на фестивалот чиј основач е Роберт де Ниро. По прикажувањето на филмот, се одржала долга сесија на прашања и одговори, во која присутните упатиле пофалби за режисерката. Во фокусот на дискусијата со Дума биле нејзината работа со актерската екипа и начинот на кој е постигната филмската автентичност.
Ова е втор долгометражен игран филм на Дина Дума, по нејзиното дебитантско остварување „Сестри“. Филмот е во продукција на „Сестри и брат Митевски“, а продуцентка е Лабина Митевска. Сценариото е дело на Дина Дума, Лидија Мојсовска и Теона Стругар Митевска, директор на фотографија е Фредерик Ноаром, додека во главните улоги настапуваат Ефќар Абаз, Симонида Селимовиќ, Џефрина Јашари и Ганимет Абдула.
Кинематографското дело е копродукција меѓу Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска, а копродуценти се Себастиен Делуа, Данијел Хочевар и Вања Сремац. Проектот е поддржан од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, фондот „Еуримаж“, програмата „Креативна Европа МЕДИА“, како и од националните и регионалните фондови на земјите копродуценти. (МИА)







