Босна и Херцеговина е највисоката репрезентација на Мундијалот, но и меѓу трите најмлади селекции

Светското првенство 2026 носи бројни интересни статистички податоци, а еден од највпечатливите е поврзан со репрезентацијата на Босна и Херцеговина.

Според анализата на составите на сите 48 учесници на Мундијалот, Босна и Херцеговина е највисоката репрезентација на турнирот. „Змејовите“ имаат просечна висина од 187,2 сантиметри, исто колку и Норвешка, која го дели првото место на оваа листа.

Највисок фудбалер во босанскиот состав е Стјепан Раделиќ со 201 сантиметар, а дури 11 репрезентативци се повисоки од 190 сантиметри.

По Босна и Херцеговина и Норвешка следуваат Шведска (186,2 см), Белгија (185,8 см), Чешка (185,7 см), Германија (185,4 см), Швајцарија (185,2 см), Франција и Холандија (184,9 см), како и Хрватска (184,8 см).

На спротивниот крај од листата се Саудиска Арабија (178,4 см), Јужна Африка (178,8 см), Катар (179,4 см), Мексико (179,5 см) и Аргентина (179,7 см).


Интересно е што Босна и Херцеговина не се издвојува само по висината. Со просечна возраст од 25,92 години, репрезентацијата е и меѓу трите најмлади селекции на Светското првенство.

Најмлада репрезентација на турнирот е Брегот на Слоновата Коска со просечна возраст од 25,35 години, пред Еквадор (25,58). Третото место го делат Босна и Херцеговина и Мароко со просечни 25,92 години.

Во првите десет најмлади селекции се и Тунис, Шпанија, Јужна Африка, Норвешка, САД и Гана.

Од друга страна, најискусната репрезентација на Светското првенство е Панама со просечна возраст од 30 години. Следуваат Иран (29,81 години), Колумбија (29,58), Зеленортските Острови (29,23) и Катар (28,92).

Овие статистички податоци покажуваат дека Босна и Херцеговина на Мундијалот ќе настапи со интересна комбинација од физичка доминација и младост, што може да биде една од нејзините најголеми предности во борбата против најсилните светски репрезентации.