МАЕ: Блокадата на Ормуската Теснина ќе ја зголеми побарувачката за електрични возила

Глобалната продажба на електрични возила веројатно ќе добие дополнителен поттик поради војната во Иран, соопшти Меѓународната агенција за енергетика (МАЕ), со појаснување дека постојано високите цени на нафтата го поттикнуваат преминот од мотори со внатрешно согорување.

МАЕ, чие седиште е во Париз, објави дека глобалната продажба на електрични возила веќе пораснала за 20 проценти во 2025 година, достигнувајќи над 20 милиони единици, што значи дека секој четврти нов автомобил продаден во светот минатата година бил електричен.

Кинеските производители учествуваа со 60 отсто во глобалната продажба на електрични возила, додека европските и северноамериканските автомобилски компании произведоа по околу 15 отсто од електричните возила продадени низ светот, наведува агенцијата. Во Германија, најголемиот пазар за електрични возила во Европа, продажбата скокна за 50 проценти во 2025 година, на рекордни 850.000 возила.

Енергетскиот регулатор очекува глобалната продажба на електрични возила дополнително да порасне оваа година на околу 23 милиони возила, што претставува речиси 30 отсто од сите автомобили продадени во светот.


Во извештајот се истакнува дека блокадата на Ормуската Теснина – критичниот поморски пат преку кој течеа околу 20 отсто од глобалните залихи на нафта и течен природен гас пред американско-израелската војна против Иран – веројатно дополнително ќе ја забрза продажбата на електрични возила на среден рок поради континуирано високите цени на нафтата.

МАЕ очекува националните влади да воведат субвенции за купување и други стимулации за електричните возила, со цел да го намалат притисокот врз потрошувачите и зависноста од увоз на нафта.

– Продажбата на електрични автомобили постави нови рекорди во речиси 100 земји минатата година. Растечката популарност на електричните возила означи голема промена за автомобилските пазари и за енергетскиот систем во целина – и тоа нуди одредено олеснување во моментов, среде најголемиот шок во снабдувањето со нафта во историјата, изјави извршниот директор на МАЕ, Фатих Бирол.

Тој додаде дека падот на цените на батериите и потенцијалните политички одговори на моменталната глобална енергетска криза се очекува да обезбедат дополнителен замав на пазарите на електрични возила во иднина.  (МИА)