Дарко ЈАНЕВСКИ
(текстот е преземен од ФБ профилот на авторот и не ги одразува нужнос тавовите на Денешен.мк)
Неколку недели паузирав, ете понекогаш така се погодува, иако некои редови беа подготвени за објавување. Но, нели, едно е како планирате, а друго е како ќе испадне.
Како и да е, никогаш не е касно да се потсетиме на тоа што е пропуштено. А, гледам, тоа што мислев дека е пропуштено, и натаму е една од главните теми во Македонија: зошто не сме ги внеле Бугарите во Уставот?
Да бидам искрен, темата не ми е јасна. Зашто одговорот е јасен. Не ги внесуваме зашто имаме два катастрофални протоколи, потпишани едниот од Никола Димитров, а другиот од Бујар Османи, врз основа на кои Софија ќе не блокира веќе во првата секунда по отворањето на преговорите со Брисел, доколку пред таа секунда не потпишеме дека сме вештачка нација создадена во 1944 година. И дека Гоце и сите други од „најромантичниот дел од бугарската историја“ (како што велеше Петар Стојанов, поранешниот бугарски претседател) се Бугари кои се бореле за бугарска Македонија населена со Бугари. Додуше, кога веќе го споменав Стојанов, точниот цитат е дека „Македонија е најромантичниот дел од бугарската историја“ (прв пат тоа го кажа уште 1997 година, а потоа го повторуваше тоа и во наредните 15-тина години), тој не го споменува периодот, но јасно е на што мисли и на кое време мисли. На периодот од 6-7 век па до 1944 г. со акцент на 19. и почетокот на 20 век. Така што, од дамнина, до ден денешен, за Бугарија Македонија е бугарска земја која комунистите ја претвориле во нешто друго, во нешто што сме денес и тука нема што ниту да се додаде, ниту да се одземе.
И тоа е почетокот и крајот на целата приказна. И кога тоа е така, бесцелни се сите расправии околу тоа дали треба да ги внесеме сега Бугарите во Уставот. Како што е бесцелно и посебно смешно, па дури и навредливо за здравиот разум, разумот на просечниот Македонец, кога читаш како Димитров и Османи се расправаат чиј протокол бил подобар. И знаеш дека не треба да се смееш, додуше не ни можеш, зашто работата е трагична.
А тие двајца се дел од македонската „елита“. Додека стотици други уште копаат по контејнери, зашто колапсот од нивното време, од времето на нивниот гуру Зоран Заев, кому, фала му на Бога, и натаму влакно не му фали од главата за сите злосторства што ги стори врз Македонија, е рамен на армагедон. Библиски крај на светот. И за тоа да се исправи ќе треба време. Многу, многу време, кое ние го немаме. Но, што е – тука е!
Зашто проблемот е што армагедонот успеаја да го вметнат во менталниот склоп на луѓето. Има такви на кои им зборувате за најобична равенка, а ве гледаат како да сте нуклеарен физичар.
И буквално ги гледате зборовите како се одбиваат од нив како од ѕид. А за да го смените тоа, што се претворило во мнозинство, за да го кренете нивото во оваа држава, богами, треба, што би рекол Черчил (малку ќе го парафразирам, но тоа е смислата), борба и „на небо, и на земја и вода“. Додека не победиме. Оти спротивната опција не е прифатлива. Таа значи крај.
Не еднаш сум рекол: на Македонија и треба правосудство и треба економја и треба… и требаат многу нешта. Но, на Македонија и треба нова матрица. Матрица во човековиот ум која нема само да бара, туку ќе биде подготвена и да даде. Ако треба да поднесе и жртва за оној кој веќе поднел или поднесува жртва. Така како што тоа го правеле многумина во историјата. Прашањето е дали таа жртва, некако судбински ги повлекува и тие околу вас или е само лична. Дали има некоја енергија која тогаш ги опфаќа и другите или ве засега само лично?
Интересно, но и трагично, речиси сите љубови на нашите големи револуционери, кои загинале за Македонија, на еден или друг начин начин ја споделиле нивната судбина. Јанка Каневчева на Гоце умреле млада, од туберклоза. На 42 години, во 1920 година. Коца Хаџова на Никола Карев, умрела во 1907 година, две години по смртта на Карев, за чие предавство, пред неколку недели, единствено МИА успеа да „ископа“, за прв пат во нашата историја, едно предание. А, Хаџова, по 1903-та, никогаш веќе не се видела со Никола. Питу Гули ја оставил својата сопруга со четири деца. Не сите тие имале баен живот. Даме Груев никогаш и не се оженил. Ниту има било каков траг дека бил во некаква врска со девојка. Како да знаел аксетот дека треба да остане сам. Ќерката на Славчо Ковачев, непосредно пред да го убијат му рекла: „Татко, па ти ја сакаш Македонија повеќе од нас.“ А, неговиот убиец, од Организацијата, рекол: „Ако ми наредеа да му ги убијам и двете ќеркички, ќе го сторев тоа“. Тој го пречекал пред неговата куќа:
„На вратата излегоа да го пречекаат неговите две ќерки. Едната од нив викна – тате! Тој се сврте и со раширени раце тргна за да ја прегрне. Тоа го издаде. Веќе бев сигурен дека тоа е Славчо Ковачев. Застанав зад неговиот грб и стрелав трипати. Јас не знаев во што се состои вината на убиениот од мене Ковачев, но верував во справедливоста на решенијата издавани од Организацијата… Ако ми наредеа да ги убијам и децата, ќе ги убиев и нив”, изјавил убиецот на Ковачев за убиството на револуционерот застрелан на 13 септември. 1924 г. во Софија по наредба на Ванчо Михајлов.
И да не редам понатаму, за Леонид Јанков, за кого сум пишувал дузина пати, за стотиците и илјадници други кои ја дале својата жртва.
Работата е во тоа што денес никој не бара од нас да умреме. Добро, не врши работа ни тоа што ќе мафтаме со знамето во кафеана или ќе врескаме на некој натпревар. Но, врши работа ако се бориме.
Зашто Македонија е на крстопат. Владата има веќе две години од мандатот и сега е моментот за конечен пресврт во државата. Да се тргне кон „да се биде или не“. Не мора тоа да се прави како што, според легендата, правеле Советите одејќи кон Берлин кога за да не се губи време, праќале војници да одат низ минско поле за да го расчистат, па кој преживее – преживее, кој не, лесна му земја, но сепак…
И при тоа, има и ќе има денови кои се мачни. Како кај секој човек. Судбината, ваква или онаква, никого не штеди. И, приватно, има моменти кога сакате да излезете од кожата. Да ја напуштите и да ја оставите таму некаде на буниште, а со старата кожа да ја оставите и старата душа. И тоа се денови кога се гледа кој е со вас, а кој не. Кој ви свртел грб и од кого сте го доживеале „последниот удар на разочарувањето“ (како што вели Ѓорче Петров за Делчев по средбата со Даме Груев во Солун на Велигден 1903, а за Илинденското востание), а кој не.
Така е и со Македонија. Ова се тие денови. Денови на пресврт. Денови кога се гледа кому таа му дала се, а тој и тие и свртеле грб. И забиле нож. Работеле и работат против неа. Ја предаваат, ја кодошат, кројат црни сценарија.
А, има други кои молкум биле со својата Македонија, ја сакале, ваква или онаква, и тогаш кога изгледало дека таа ги предала, ги оставила да крпат од први до први, да се мачат со осакатеното здравство, да трпат за лекови, да го топат геврекот во чај со старата кесичка која вчера само до половина била ставена во врелата вода, наместо со јогурт… но тие останале со својата Македонија. Е, на тие луѓе, за тие луѓе, вреди да се истрае до крај. За да се поништат претходните седум години. Да се помножат со нула. Да се решат предавствата. Тие од седумте години, но богами ги има дузина и од пред тоа. Предавства од дома, заедно со тие од надвор.
И за тие луѓе, оваа држава треба да се спастри. Да се расчисти со разниите инсталации кај Савески, да се расчисти со оние инсталации кои се научени дека оваа држава постои за нив, и дека тие од неа треба само да земат, да добијат, но не и да дадат. И да се почне од ново. Од нула. Без оние кои малтретирале и без оние кои извршиле предавство.
Во спротивно, бадијала жртвување на сопствениот мир, здравје, бадијала жртвата кон сопствените деца кои пола од министрите, не си ги ни виделе асално две години. Зошто? Ајде тогаш, расчистете и со тоа од лево и со тоа од десно, почнете од нула, спастрете ги работите и, ако не ние, барем тие после нас да можат барем малку да ја накриват капата. А вие да го добиете заслужениот респект.
Зашто ова се моменти кога е потребна „Песочната бура“ на Американците во Ирак или советските качуши од Втората светска војна. За да може потоа да имаме пет отсто БДП, за да може потоа да имаме термини на клиника, а не за операција на жолчка да се чека по една година („ај ќе ти се јавиме“ ми велат бил муабетот), за да може потоа тие кои паѓаат од нозе на Онкологија да немаат по 50 истории на болести во еден ден, за да може потоа наставниците да добијат пристојни плати, па со мир и љубов во душата да им се посветат на децата, за да може конечно оваа држава, која некогаш, како територија била за два ипол пати поголема, конечно да здивне.
Ете тоа сакав да кажам. После малата пауза од пишување и брдото на измешани емоции, за денеска доволно е толку. Можби не многу успешно, но со мир во душата. Мир со лавина од разочараност, но сепак мир. Веќе сме понеделник, три ипол наутро е, надвор е мрак, ова е време кога на отец Шевкунов на празниот, ама буквално празниот плоштад пред црквата Успение на света Богородица во манастирот почнал да му се слуша тресок како лимови да паѓаат, а отец Серафим само одмавнал со раката и му рекол – не обрнувај внимание, тоа се само демони – има некое слатко од зелени смокви во фрижидерот и потоа белким ќе дојде сонот. И за еден час светлината која на чуден начин, некако постојано успева да носи ведрина.
А, овие редови ќе ги објавам попладне, нека преспијат и тие, и се надевам, се читаме пак следната недела.








