Јавноста во Македонија се простува од еден од најголемите домашни музички уметници Владо Јаневски. Вчеравечер, на 28 јуни, потресе тажната вест за неговата смрт по кратко боледување во една од скопските клиники.
Веста, предизвика длабока тага кај неговите колеги, пријатели и бројните обожаватели. Владо Јаневски остави неизбришлив белег врз македонската музичка сцена. Неговиот препознатлив глас и искрените текстови ги придобија срцата на генерации слушатели. Низ плодната кариера тој создаде песни што станаа дел од колективната меморија, синглови што се пееа на концерти, на семејни собири и во моменти на радост и тага.
Вести за неговото замиување предизвикаа лавина од емотивни пораки и спомени. Колегите од естрадата и пријателите веднаш почнаа споделуваат тажни и проштални зборови. На социјалните мрежи се рефлектуваа стихови од неговите најпознати песни, негови фрази што одамна вградиле во јазикот на публиката, како и видеоспотови и записи од соработки кои ги потсетуваат луѓето на неговиот талент и човечност.
Пере од „Нокаут“ преку заедничка фотогрфија заедно на Владо и Каролина напиша:
„Си замина Владо Јаневски.
Колега,музичар,човек со глас што не се правеше важен,само влегуваше во песна и таму остануваше.
Со Владо работевме и студиски.
Се среќававме низ музика и професионални разговори,мирни,точни,без потреба од големи зборови.
Некои луѓе не мора да се наметнуваат за да остават трага.Владо тоа го знаеше.
Нека почива во мир.
Од денес,неговите песни ќе се слушаат поинаку.“
Последен поздрав и од Калиопи:
„Ох…Охх,ох, оххх…..
Си замина тивко, без поздрав….
Токму кога најдобрите се најпотребни, ти заминуваш….
Ми беше другар, а јас твојата Каља, како што милуваше да ме викаш…
Многу нешта споделивме во овој живот и во следниот повторно ќе се најдеме….
НЕКОГАШ И НЕГДЕ…..
Меѓу колегите со емотивни зборови беше и Дарио Панковски.
„Јаневски мајсторе,
толку многу години заедно на сцена и толку многу работи сме поминале заедно, што би можел книга да напишам. Некогаш се сложувавме, понекогаш и не, но исклучително многу се почитувавме како блиски колеги.
Ти мене Панковски, јас тебе Јаневски, така си се обраќавме кога ќе се видевме, к’о бајаги официјално, а у ствари со многу скриена близина и топлина.
Ова беше пребрзо, шокантно, трагично и некако…нестварно.
Нека Ти е вечна слава мој Јаневски, многу ми е жал, многу…“
Тијана Дапчевиќ го испрати последниот поздрав:
„Другарче мое…мирно патувај кон вечноста..многу ќе и недостасуваш на твоја “Тијанисимо” ..ме искрши“
Се огласи и Каролина Гочева:
„Владе мој,
Збогум со мојата најомилена песна од тебе… и никогаш нема да заборавам… “
Македонската јавност и музичката сцена денес се побогати само со спомени и песни што ќе продолжат да зборуваат за еден уметник чие дело чекори низ времето. Нека почива во мир Владо Јаневски — во секој тон и во секој стих ќе го чуваме неговиот глас.
Владо Јаневски е роден на 27 ноември 1960 година во Скопје, Јаневски дипломирал на Филолошкиот факултет, на Катедрата за англиски јазик и книжевност. Во текот на кариерата беше член на групите „Тост сендвич“, „Бон Тон“, „Фотомодел“ и „Ластовица“, а покрај пеењето свиреше клавир, гитара и тапани. Во 1998 година стана првиот официјален претставник на Македонија на Евровизија 1998, каде во Бирмингем настапи со песната „Не зори зоро“.
Вечна слава!








