Италијанската Влада соопшти дека добар дел од запленетите 200 милиони евра – откриени тајни пари на мафијата – ќе инвестира во безбедноста на железницата, особено на станиците и патниците.
Владата во Рим го објави тоа по откритието од страна на италијанските власти за битката против мафијата – финансиската и независна судска полиција – дека во „даночниот рај“, но и во банките, синџирите луксузни хотели, криптовалути и други бизниси во повеќе земји се откриени досега најголеми средства на тајниот имот на мафијата, повеќе од 200 милиони евра.
Ова се пари кои картелот на еден од најголемите дилери на дрога од редовите на сицилијанската мафија, Матео Месина Денаро, тајно ги инвестирал во разни бизниси со години.
Францускиот весник „Фигаро“, како и другите медиуми во Европската Унија, наведува дека „по 20 години упорни истраги, италијанската држава успеала да ги открие и заплени историски големите средства на еден од најголемите „кумови“ на мафијата, Месина Денаро“.
Италијанската телевизиска мрежа РАИ објави дека на чело на истрагата бил обвинителот во Палермо, Маурицио де Лучија, и дека во откривањето на тајните пари на мафијата учествувале властите на Андора, Гибралтар, Кајманските Острови, како и полициските и судските власти на Луксембург, Монако, Швајцарија и Шпанија.







