👁️  82

Италија се соочува со сериозен недостиг на работна сила и ѝ недостигаат вкупно околу еден милион работници, поделени во различни економски сектори, изјави денеска италијанската министерка за труд Марина Елвира Калдероне.

– Главниот проблем е што се повеќе луѓе го напуштаат пазарот на труд поради нивната возраст. Тешко е да се пополнат овие работни места со нови луѓе, рече Калдероне на настан во организација на синдикатот во Рим.

Таа рече дека Владата во Рим работи на тоа да обезбеди „компаниите да имаат работна сила која е обучена за работата што претстои и особено за предизвиците на денешницата и иднината“. Ова особено важи за еколошката и дигиталната трансформација во светот на работата.

Калдероне истакна дека најважна цел е да се вработи „секој италијански граѓанин“.

Според Assoturismo Confesercenti, асоцијација на италијанската туристичка индустрија, овој сектор е особено погоден од недостиг на персонал. Угостителството, исто така, се жали на недостиг на апликанти, како и квалификуван персонал.

Во италијанскиот земјоделски сектор потребни се најмалку 100.000 работници за летните и жетварските месеци, соопшти земјоделското здружение Колдирети како одговор на коментарите на Калдероне.

Итно се потребни трактористи, лозари, тримери и берачи за овошје, зеленчук и гроздобер. Потребни се и квалификувани работници во дигиталниот сектор, како земјоделски техничари кои можат да контролираат дронови, да читаат податоци за времето и да користат ИТ алатки.