Иран: Постигнат е напредок во разговорите со САД, но нема мировен договор на повидок

Иранското Министерство за надворешни работи соопшти дека е постигнат напредок во разговорите за меморандум за разбирање со САД, но оти тоа не значи дека Техеран е блиску до склучување мировен договор.

Портпаролот на Министерството Есмаел Багаи изјави дека е постигната согласност за многу од темите што се разгледуваат во рамките на потенцијалниот меморандум.

Тој додаде дека Иран преговара за прекин на војната и дека во моментов не се разговара за нуклеарни прашања. Багаи повтори дека промените во ставовите на американските официјални претставници создаваат пречки за постигнување каков било договор.


Тој појасни дека меморандумот од 14 точки е фокусиран на прекин на војната и на завршување на американската поморска блокада, во замена Иран да преземе мерки за безбедно поминување низ Ормуска Теснина.

Багаи изјави дека, доколку работата на меморандумот биде завршена, дел од неговите детали, како и други теми, вклучително и нуклеарната програма, ќе бидат разгледувани во рамките на преговори што би траеле најмногу 60 дена. (МИА)