Иран нема да одобри никаков договор со САД без гаранции за неговите права

Иран нема да одобри никаков договор со САД сè додека неговите права не бидат целосно гарантирани, изјави денеска претседателот на иранскиот Парламент, Мохамад Бакер Галибаф, шеф на тимот на Техеран во преговорите со Вашингтон.

– Нема да одобриме никаков договор сè додека не бидеме сигурни дека правата на иранскиот народ се целосно гарантирани, рече Мохамад Бакер Галибаф во видео емитувано на државната телевизија.

Иако се чинеше дека двете земји се приближуваат кон договор во последните денови, „Њујорк тајмс“ објави дека американскиот претседател Доналд Трамп го заострил својот предлог и испратил нова верзија на текстот до Техеран. Според веб-страницата „Аксиос“, Трамп сака поцврст став од Вашингтон за неколку прашања, вклучително и судбината на нуклеарниот материјал на Иран. Иран смета дека укинувањето на американските санкции и одмрзнувањето на неговите замрзнати средства се меѓу основните права на Техеран, кои мора да бидат гарантирани во секој договор постигнат со САД.

– Оние кои се борат на дипломатската арена не веруваат во зборовите или ветувањата на непријателот, додаде Галибаф.