Иран денеска соопшти дека неговата воздушна одбрана одговорила на американските воени активности откога Вашингтон најави напади врз цели во внатрешноста на земјата и покрај тековниот прекин на огнот и преговорите за ставање крај на војната.
Исламската револуционерна гарда на Иран (ИРГЦ) предупреди на какво било кршење на прекинот на огнот од страна на Соединетите Американски Држави и инсистира на правото на Иран на одмазда, пренесе ДПА.
ИРГЦ соопшти дека пукале кон американско беспилотно летало RQ-4 и борбен авион F-35, а исто така откриле и американски дрон MQ-9 Reaper.
Иранските новински агенции „Фарс“ и „Тасним“ јавија дека американскиот дрон MQ-9 бил соборен.
Американската војска синоќа соопшти дека извршила напади во јужен Иран таргетирајќи ракетни позиции на југот на земјата и напаѓајќи чамци во близина на Ормуската Теснина за кои се тврди дека поставувале мини во стратешкиот воден пат.
Американската војска ги опиша операциите како „напади за самоодбрана“ со цел да ги заштити војниците од заканите што ги претставува иранската војска.
Нејасно е дали соопштението на ИРГЦ за пукањето врз американскиот дрон и борбениот авион се однесува на тие инциденти или на нови конфронтации денеска.








