Лидерот на Хезболах, Наим Касем, денеска изјави дека арсеналот оружје на либанската група не е дел од преговорите со Израел и оти тоа е внатрешно прашање на Либан.
– Никој надвор од Либан нема право на глас во врска со оружјето, отпорот или организацијата на внатрешните работи на Либан. Ова е внатрешно прашање на Либан и не е дел од преговорите со непријателот – рече Касем во својот говор, пренесува Ал Џезира.
Како што наведе, Хезболах ќе соработува со владата за да постигне пет точки – либански суверенитет преку прекин на израелската агресија, повлекување на израелската војска од окупираните територии, ослободување на затворениците, враќање на луѓето во јужен Либан и реконструкција.
– Нема да го напуштиме теренот. Ќе го претвориме во пекол за Израел – додаде Касем.
Според него, откако Либан ќе ги постигне петте точки, ќе ги организира своите внатрешни работи со стратегија за национална безбедност, користејќи ги своите сили, вклучувајќи го и отпорот.








