👁️  12

На аукцијата што се спроведе денеска (7 ноември) во рамки на втората емисија на граѓански обврзници, учествувале 907 граѓани кои вложиле 1,08 милијарди денари (17,7 милиони евра)., соопштија од Министерството за финансии.

Тоа значи дека побарувачката кај граѓаните била за 80 отсто поголема од износот што го нудеше државата – 600 милиони денари (околу 10 милиони евра).

Граѓанската обврзница е со каматна стапка од 5 отсто годишно. Една обврзница чинеше 10 000 денари или нешто повеќе од 160 евра, а рокот на доставување е две години. Тоа значи дека за овој временски период оној што купил една граѓанска обврзница, ќе добие плус 1 000 денари на сметка од камата.

Голем интерес имаше и при првата емисија на граѓански обврзници во јули годинава – државата иако планираше кај граѓаните да се задолжи со 10 милиони евра, се задолжи со 23 милиони евра.

„Ова покажува дека граѓанската обврзница веќе е препознатлива од страна на граѓаните и дека го најде своето место на пазарот. По првата емисија на која интересот беше поголем за 2,4 пати од објавениот износ, интересот продолжи и на втората емисија, а веќе граѓаните имаат интерес за тоа кога ќе има нова емисија“, вели министерот за финансии Фатмир Бесими.

Од Министерството за финансии велат дека за обврзниците од аукцијата спроведена денеска (7 ноември), добивката за првата година граѓаните треба да ја добијат на 14 ноември 2024 година. За втората година, пак, на 14 ноември 2025 кога ќе им биде вратен и целиот инвестиран износ.