Директорот на Американската вселенска команда, генерал Стивен Вајтинг во интервју за „Тајмс“ истакна дека Русија планира да распореди нуклеарно оружје во Вселената за да напаѓа сателити, што би предизвикало глобален хаос.
– Русија останува високо развиена вселенска сила и продолжува да инвестира во анти-вселенско оружје. Тие размислуваат да стават во орбита нуклеарно анти-сателитско оружје што би ги ставило во опасност сите сателити во ниската орбита на Земјата, а тоа е исход што едноставно не можеме да го толерираме, посочи Вајтинг, додавајќи оти рускиот план вклучува „продолжено блокирање на сателитските комуникации и на Глобалниот позициски систем (ГПС) во таков обем што ги става во опасност цивилните авиони.
Тој ја повика и британската влада значително да го зголеми својот буџет за вселенска одбрана за да се справи со растечката закана од Москва, како и од Кина.
И покрај постапките на Москва, Вајтинг ја идентификуваше Кина како најголем конкурент на САД во Вселената.
– Следната голема војна веројатно ќе биде војна што ќе започне во Вселената … Нашата цел секој ден е да се разбудиме и да спречиме тоа да се случи за човештвото да може да продолжи да ужива во сите придобивки од Вселената, наведе Вајтинг.
Вселенската команда на САД, предводена од генерал Вајтинг, со седиште во вселенската база „Питерсон“ во Колорадо е одговорна за сите воени операции на САД на 100 километри или повеќе надморска височина.
фото: Википедија








