Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР до ОЈО Битола поднесе кривична пријава против Д.М. на работно место „полицаец“ во ПС за ГП и ГН Меџитлија, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“, предвидено и казниво по член 297-а став 2 од Кривичниот законик.
-Пријавениот, надвор од работното време, на 01.04.2026 на ул. „8 Септември“ во Битола управувал патничко моторно возило „бмв“, во лична сопственост, во време кога имал активна забрана за управување со моторно возило од „Б“ категорија. Покрај тоа, возилото го управувал со брзина од 98 км на час во населено место каде дозволената брзина била 50 км, со присуство на алкохол во организмот од 0.73 промили, информира МВР.
По насоки дадени од страна на јавен обвинител, моторното возило е одземено. ОВККИПС против Д.М. поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност и изрече задолжителни мерки одземање на службеното оружје и муниција и упатување на задолжителен психијатриски и психолошки преглед.







