Генерал Гринкевич: Македонија е пример во НАТО, благодарност за придонесот со 4% од БДП

Македонија е цврст и ценет сојузник на НАТО, кој значајно придонесува за колективната безбедност – истакна врховниот командант на Сојузничките сили на НАТО за Европа (SACEUR), генерал Алексус Г. Гринкевич, при денешната посета на касарната „Илинден“ во Скопје.

Пред македонските војници истакна дека е горд што е во Македонија и што имал можност директно да се запознае со подготвеноста на армиските припадници при изведување на борбени дејствија во сложени и динамични средини против различен непријател.

-Земјата игра клучна улога во зачувувањето на стабилноста на Западен Балкан, регион од стратешко значење за НАТО. Благодарам за повеќе од две и пол децении поддршка на мировната мисија КФОР во Косово каде и натаму имате фундаментална улога за безбедноста на сите заедници, истакна Гринкевич.

Гринкевич информира дека по направената анализа на безбедносната состојба, НАТО ќе пристапи кон постепена оптимизација на големината и распоредот на силите во рамките на КФОР.

Во однос на одбранбените вложувања, Гринкевич истакна дека македонската држава веќе издвојува речиси 4 проценти од БДП за одбрана и сродни трошоци оценувајќи дека тоа е значаен придонес во насока на заедничката цел на Алијансата за достигнување 5 проценти до 2035 година.


-Благодарност за примерот кој Македонија го дава на ова поле, вели Гринкевич.

Тој ја поздрави и поддршката што земјата ја дава за Украина, вклучително и учеството во НАТО-командата за обука и помош во Висбаден, како и во иницијативите за обезбедување воена помош.

Гринкевич најави дека на претстојниот самит на НАТО во Анкара сојузниците ќе демонстрираат напредок во зголемувањето на одбранбените вложувања и поддршката за Украина, со цел јакнење на Алијансата.

Командантот на Сојузничките сили на НАТО за Европа изрази уверување дека Македонија ќе продолжи да ја игра својата улога во Алијансата нагласувајќи дека земјата може да смета на поддршката од НАТО.